Фото: МИА

Млади и студенти од цела Германија денеска излегоа на протести во повеќе од 80 градови, барајќи повеќе буџетски средства за образованието и социјалната заштита, наместо за милитаризација и зголемување на воените трошоци.

На централниот собир на плоштадот Александерплац во Берлин, каде што организаторите очекуваа речиси 10.000 учесници, портпаролката на организациите Gen Z Rebelt Berlin и Gen Z Rebelt Studies, студентскиот огранок, Вероника Динтер, во изјава за МИА порача дека младите се незадоволни од политиките на германската влада.

– Нашата генерација е лута затоа што владата прави социјални кратења и ни вели дека нема пари за добро образование и за инвестирање во нашата иднина, а истовремено има пари кога станува збор за милитаризација и трошење за Бундесверот. Јас сум студентка и гледам како студентите во училиштата и на универзитетите седат во училници што се распаѓаат, а нема ниту доволно наставници. Ни велат дека нема пари, но очигледно пари има, само не се инвестираат во нас – изјави Динтер, пренесе МИА.

Протестот, организиран во соработка со Youth Strike, е дел од меѓународниот ден на акција против социјалните кратења и милитаризацијата, кој се одбележува со улични собири и во други земји.

Посочувајќи ги примерите од Франција, Србија и Албанија, Динтер оцени дека заедничкото организирање и јавното изразување на незадоволството може да придонесат за промени.

– Сакаме владата не само да нè слушне, туку и да дејствува, да ги слушне нашите барања и навистина да направи промена во своите политики. Мерц му е благонаклонет на капиталот, а ние, луѓето, сме измамени! Сè друго би било лага. Она што го најавува владата, кај нас носи само беда и страдање, од чиста неправда! – додаде таа.

Едно од главните прашања на протестите е и воената обврска. Според Динтер, меѓу учесниците има голем број тинејџери кои веќе ги добиваат првите задолжителни писма од германската армија за процена на подготвеноста за воена служба. Таа посочи дека младите се противат на таквата обврска.

„Ниту еден човек, ниту еден цент за Бундесверот“, извикуваа демонстрантите во Берлин.

Динтер смета дека силата на движењето е во неговиот меѓународен карактер, бидејќи младите во различни земји се соочуваат со слични предизвици и бараат јавните средства да се пренасочат од вооружувањето кон образованието и социјалната сфера.