Отпушок од цигара е причината за пожарот што денеска избувна на вториот кат во Градската општа болница „8 Септември“ во Скопје. Во инцидентот нема повредени, а пожарот бил локализиран за кратко време.
Директорот на болницата, д-р Синиша Стојаноски, потврди дека пожарот бил предизвикан од отпушок од цигара. Откако од прозорците на болничката зграда почнал да излегува чад, веднаш била спроведена евакуација на пациентите и медицинскиот персонал, а била повикана и Противпожарната бригада.
Командирот на Бригадата за противпожарна заштита на Град Скопје, Ѕвонко Томевски, информираше дека пожарот бил брзо локализиран и дека нема опасност од негово понатамошно ширење.
Во пожарот биле опожарени инвалидски колички оставени на балконот од една болничка соба во одделението за ортопедија.
– Опожарени се инвалидски колички оставени на балконот од болничка соба. Пожарот брзо е изгаснат и нема опасност од негово ширење. Нема повредени. Добиен е повик преку 112 и веднаш се упатени четири возила во болницата. Пожарот веднаш беше изгаснат со противпожарни апарати. Пожарот бил од количките, не се запалила никаква инсталација – изјави Томевски.
Претходно, од Центарот за управување со кризи информираа дека преку бројот за итни повици Е-112 било пријавено дека избувнал пожар на вториот кат во ГОБ „8 Септември“. По добиената пријава, веднаш била известена Бригадата за противпожарна заштита на Град Скопје.
Од Бригадата потврдиле дека пожарот избувнал во внатрешна просторија на одделението за ортопедија, но бил локализиран и не постоела опасност од негово понатамошно ширење.
































