Денешното стручно мислење презентирано од одбраната на апелацискиот судија Ѓоко Ристов не содржи наоди со кои суштински се оспорува ДНК-експертизата на Обвинителството, оцени обвинителката Искра Хаџи Василева по завршувањето на денешното рочиште.
Таа посочи дека анализата на вештото лице Атанас Козарев, предложено од одбраната, се однесува на начинот на кој биле прибирани и обезбедувани биолошките траги при претресот, но не и на самите резултати од ДНК-анализата.
Според Хаџи Василева, презентираниот материјал не нуди аргументи со кои би се довела во прашање експертизата за биолошките траги за кои Обвинителството тврди дека му припаѓаат на обвинетиот, а биле пронајдени на алуминиумските фолии и на другиот материјал подигнат од местото на претресот.
Обвинителката дури оцени дека презентираниот документ не може да се нарече вештачење, туку станува збор за стручно мислење и заклучоци на технички советник.
– Денеска во судницата имавме технички советник, но тоа што го има изготвено не може да се нарече вештачење. Самиот тој го крсти како наод и стручно мислење и заклучоци. Ова е осврт кон постапувањето на овластените службени лица на местото кога е вршен претресот. Тоа не е стручен наод со кој се дискредитира или пандан на она што е вештачење на трагите од биолошко потекло, што е доказен материјал од страна на Обвинителството – изјави Хаџи Василева.
Таа додаде дека, според неа, профилот на техничкиот советник не овозможува тој да врши вештачење на ДНК-траги.
Од друга страна, адвокатот Ѕвонко Давидовиќ, бранител на Ристов, посочи дека суштината на денешното сведочење е во укажувањето на пропустите при обезбедувањето на доказниот материјал и можноста за негова контаминација.
Тој нагласи дека одбраната не ги оспорува резултатите од ДНК-анализата како такви, туку начинот на кој биле собрани и обезбедени примероците врз кои е направена експертизата.
– Тој не го спори ДНК-вештачењето, кое е неспорно, но го спори начинот на кој се обезбедени ДНК-трагите и дека постои реална можност од нивна контаминација. Значи, тој го спори материјалот што е вештачен, затоа што според стандардите кои требале да бидат применети, а и оваа држава е потписник на истите протоколи, не се испочитувани – изјави Давидовиќ.
Претходно, вештакот Атанас Козарев во судницата посочи дека при претресот на 18 јануари 2026 година во Неготино не биле применети стандардните процедури за ракување со доказите. Според неговото стручно мислење, начинот на кој биле отворани, раздвојувани и оставани алуминиумските фолии на подот создал реална можност за внесување или пренос на туѓ биолошки материјал.
Тој укажа дека недостигот од соодветно фотографирање и означување на фолиите пред нивното отворање го отежнува утврдувањето од која конкретна површина бил земен секој ДНК-брис.
Судењето против Ѓоко Ристов продолжува на 9 декември.
































