Владата би можела да воведе нови мерки за контрола на цените на основните прехранбени производи, меѓу кои и ограничување на трговските маржи. Оваа можност ќе биде разгледана на владина седница доколку надлежниот сектор достави конкретен предлог, најави министерот за економија Бесар Дурмиши.
Тој денеска, на брифинг со новинарите, посочи дека состојбата со цените се следи секојдневно, а инспекциските служби континуирано вршат контроли на терен.
Доколку надлежниот сектор процени дека се потребни дополнителни интервенции за заштита на животниот стандард на граѓаните, предлогот ќе биде доставен до Владата, каде што ќе се разговара и за висината на маржите што би се ограничиле.
– Ќе се дискутира и со кој процент да одиме, кој е подобар. Кога ќе има предлог доставен во Владата, кога ќе се дискутира и кога ќе се одлучи, јавноста ќе биде известена за одлуките што ќе ги преземеме – изјави Дурмиши.
Министерот оцени дека досегашните владини мерки придонеле земјава успешно да се справи со економската криза, иако призна дека во изминатиот период има зголемување на цените, особено кај овошјето и зеленчукот.
Според него, поскапувањата се дел од пошироките глобални економски движења, а не последица исклучиво на домашните состојби.
Дурмиши се повика и на податоци од Меѓународниот монетарен фонд, според кои Македонија е меѓу трите најдобро рангирани земји во Европа во однос на преземените мерки за справување со кризата, споредено со бруто-домашниот производ по жител.
Тој додаде дека земјава има меѓу најниските цени на горивата и ниска стапка на инфлација, но нагласи дека Владата и понатаму ќе презема мерки за ублажување на ценовните притисоци и заштита на животниот стандард.
































