Италија денеска е зафатена од национален штрајк организиран од синдикалната конфедерација ЦГИЛ, во знак на протест против буџетските политики на владата на премиерката Џорџа Мелони и растечките трошоци за живот.
Синдикатот ги повика вработените во јавниот и приватниот сектор да ја прекинат работата во текот на целиот ден. Најавени се околу 100 демонстрации и протестни собири низ земјата, а во акциите се вклучија и студентски групи, пренесе ДПА.
Штрајкот предизвика прекини во повеќе сектори, меѓу кои образованието, здравството и јавниот превоз. Во Рим, Фиренца и Џенова, граѓаните се соочуваат со нарушен автобуски, трамвајски и метро-сообраќај.
Главните барања на синдикатите се зголемување на платите, подобрување на условите за работа и поголеми инвестиции во индустријата, особено во економски послабиот јужен дел на Италија.
Од ЦГИЛ бараат владата да ги намали издвојувањата за одбрана и да пренасочи повеќе средства кон образованието и здравствениот систем, како и да преземе мерки за справување со зголемените животни трошоци.
– Денешниот ден покажува дека луѓето сакаат да бидат слушнати, дека треба да имаат право на глас и дека бараат одговори на своите потреби – изјави генералниот секретар на ЦГИЛ, Маурицио Ландини, пред централниот протест во Рим.
На протестите се приклучија и претставници на левичарските опозициски партии.
Паралелно со синдикалниот штрајк, во повеќе италијански градови се одржуваат и студентски протести. Во Рим, студентите излегоа со транспаренти со кои бараат прекин на војната и на процесите на повторно вооружување. На протестите беа забележани и палестински знамиња, пренесува ДПА.
































