Фото: „Нова Македонија“

ФУДБАЛ – ЛИГА НА НАЦИИ, ЖДРЕПКА

  • Првиот дуел Македонија ќе го игра на гости, на 25 март в година, а реваншот е три дена подоцна дома

Македонската фудбалска репрезентација по 22 години ќе игра со селекцијата на Кипар, овој пат во меч од плејофот за пласман во лигата Б на Лигата на нациите. Така реши ждрепката влечена во Нион, седиштето на Европската фудбалска унија (УЕФА).
Првиот дуел Македонија ќе го игра на гости, на 25 март в година, а реваншот е три дена подоцна дома. Вкупниот победник ќе настапи во лигата Б идната сезона, кога е предвидено реформирање на тоа натпреварување, со создавање три (А, Б и Ц) наместо четири лиги. Другите двојки од овој плејоф за влез во лигата Б се Естонија – Романија, Фарски Острови – Грузија и Белорусија – Израел.
Селекциите на Македонија и на Кипар досега одиграа две меѓусебни средби, и тоа во квалификациите за пласман на Европското првенство (ЕП) во 1996 година, кога Македонија во Скопје победи со 3-0, а во реваншот на гости беше нерешено, 1-1. На неодамнешната ноемвриска ранг-листа на Светската фудбалска федерација (ФИФА) Македонија се наоѓа на 73. место, а Кипар на 127. место.
Во седиштето на Европската фудбалска унија беа влечени и други двојки, па така, во четврт-финалето на Лигата на нациите ќе играат Холандија – Португалија, Шпанија – Франција, Белгија – Германија и Норвешка – Англија. И тие дуели на програмата се во март.

Фајналфор-турнирот е предвиден за јуни в година. Во полуфиналето првата двојка ќе ја сочинуваат победниците на натпреварите Холандија – Португалија и Шпанија – Франција, а втората победниците на средбите Белгија – Германија и Норвешка – Англија. Домаќинот на тој турнир ќе биде одреден дополнително.
На годинашното фудбалско Светско првенство (СП) меѓу себе играа Шпанија и Франција во полуфиналето, како и Норвешка и Англија во четврт-финалето. Англија и Норвешка во претходната сезона на Лигата на нациите, 2024/2025, се натпреваруваа во лигата Б, каде што ги освоија првите места во своите групи и поради тоа сезонава настапија во лигата А, во која се пласираа меѓу осумте најдобри репрезентации.
Во Лигата на нациите, пак, репрезентациите на Шпанија и на Франција се сретнаа во полуфиналето на минатата сезона и во финалето на сезоната 2020/2021, како и во полуфиналето на Европското првенство во 2024 година. Холандија и Португалија се сретнаа во финалето на првата сезона на Лигата на нациите, 2018/2019. Германија и Белгија не играле меѓусебен официјален меч од 2011 година.
Во плејофот за пласман во лигата А, пак, исто така во март в година, ќе се сретнат БиХ – Данска, Унгарија – Србија, Република Ирска – Хрватска и Словенија – Велс. Н.М.


ЛИГА НА НАЦИИ, СЕЗОНА 2026/2027

ЧЕТВРТ-ФИНАЛЕ
1. Холандија – Португалија 25.3.2027
2. Шпанија – Франција 25.3.2027
3. Белгија – Германија 25.3.2027
4. Норвешка – Англија 25.3.2027
реваншите се на 28 март 2027 година

ПОЛУФИНАЛЕ
Победник 1 – Победник 2 9.6.2027
Победник 3 – Победник 4 10.6.2027
финалето и мечот за 3. место се на 13 јуни 2027 г.

ПЛЕЈОФ ЗА ПЛАСМАН ВО ЛИГАТА А
БиХ – Данска 25.3.2027
Унгарија – Србија 25.3.2027
Република Ирска – Хрватска 25.3.2027
Словенија – Велс 25.3.2027
реваншите се на 28 март 2027 година

ПЛЕЈОФ ЗА ПЛАСМАН ВО ЛИГАТА Б
Кипар – Македонија 25.3.2027
Естонија – Романија 25.3.2027
Фарски Острови – Грузија 25.3.2027
Белорусија – Израел 25.3.2027
реваншите се на 28 март 2027 година