Од Градската општа болница „8 Септември“ информираат дека пожарот што денеска избувна на терасата на Одделението за ортопедија и трауматологија е изгаснат, а сите пациенти и вработени се безбедни.
Според соопштението од болницата, околу 10:35 часот вработени почувствувале мирис на чад и забележале чад што доаѓал од терасата на одделението, сместено на вториот кат.
Персоналот веднаш го активирал тимот за евакуација, по што пациентите од одделението биле превентивно евакуирани и згрижени. Пожарот бил изгаснат со противпожарната опрема на болницата, а на местото била повикана и противпожарната служба.
Отпушок од цигара предизвикал пожар во ГОБ „8 Септември“, изгореле инвалидски колички
Од болницата посочуваат дека на местото каде што избувнал пожарот нема електрична ниту гасна инсталација и дека материјалната штета е незначителна. Според првичните информации, можно е огнот да бил предизвикан од отпушок од цигара, но точната причина и околностите сè уште се утврдуваат.
Болницата продолжува со редовна работа.

































