Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски денеска остварил средба со новоименуваната амбасадорка на Обединетото Кралство, Маја Сивањанам. На средбата разговарале за досегашната стратешка соработка меѓу двете земји, како и за можностите за нејзино продлабочување во областа на дигиталната трансформација.
Андоновски, во објава на Фејсбук, информира дека на амбасадорката ѝ посакал добредојде и дека ја истакнал британската поддршка за зајакнување на кибер-безбедноста на македонските институции.
-Денеска ѝ посакав добредојде на новоименуваната амбасадорка на Обединетото Кралство, Маја Сивањанам. Разговаравме за досегашната плодна стратешка соработка меѓу двете земји и за можностите што ги отвора нашето партнерство во областа на дигиталната трансформација. Особено ја цениме британската поддршка за зајакнување на кибер-безбедноста на нашите институции – наведува Андоновски.
Како што посочува министерот, значаен дел од партнерството е и соработката со Британскиот совет преку програмата „Училишта на 21 век“, насочена кон развој на дигиталните вештини кај младите.
-Со амбасадорката разговаравме и за тоа како британското искуство може да ни помогне во следните чекори од дигиталните реформи во Македонија. Наш интерес е оваа соработка да придонесе за јавни услуги на кои граѓаните можат да се потпрат и за повеќе можности младите да го применат своето знаење – истакнува Андоновски.
Од своја страна, британската амбасадорка на социјалните мрежи објави дека со министерот разговарале за дигиталната трансформација и зајакнувањето на кибер-отпорноста.
-Како сојузници во НАТО, Обединетото Кралство и Северна Македонија делат интерес за безбедни и отпорни дигитални системи. Нашето партнерство опфаќа сè – од зајакнување на кибер-безбедноста и споделување на британската експертиза, па сè до оспособување на новата генерација со вештини за програмирање, критичко размислување и дигитални вештини, преку програмата ’Училишта за 21-от век‘ на Британскиот совет – наведува Сивањанам.































