Фото: Маја Јаневска - Илиева

Со извици „Живот“, „Слобода“ и „Жени“, како и со едноминутен молк за жртвите на фемицид, денеска пред Владата се одржа блокада организирана од неформалната иницијатива „Ниту една повеќе!“. Учесниците протестираа против насилството врз жените, фемицидот и институционалната неодговорност.

Повод за блокадата е случајот со 21-годишната девојка од Битола, која минатата недела пријавила дека била давена и задушувана со голи раце од нејзиното момче. Според пријавата, таа во изминатите година и пол била изложена на физичко и психичко насилство, тепање и закани по животот.

На протестот се обрати и нејзината мајка, Бети Ангеловска, која побара од институциите итно да преземат мерки и да ја обезбедат безбедноста на нејзината ќерка.

Таа изрази загриженост поради информациите дека осомничениот би можел да излезе од притвор во среда, посочувајќи дека девојката подолго време трпела насилство и дека во мобилните телефони, кои се дадени на вештачење, има видеоснимки, фотографии и други материјали што, според неа, го документираат малтретирањето.

„Осум дена притвор за тепано чупе повеќе од една година. Го молам министерот, го молам Јавното обвинителство – телефоните се земени на вештачење. Во нив има снимки, видеа, материјали, слики од неа претепана цела“, рече Ангеловска.

Таа побара обвинителството детално да ги прегледа материјалите од телефоните и да ги испита сите околности на случајот.

Мајката посочи и дека осомничениот поднел пријава против нејзината ќерка, тврдејќи дека таа него го нападнала. Според неа, наводите за повредите што тој ги пријавил не биле поткрепени со медицински извештај во полицијата.

Ангеловска порача дека нема да се откаже од барањето за правда и упати апел до девојките и жените да не молчат и да пријавуваат насилство.

„Ќе одам до крај секој ден ако треба, тука и сама ќе доаѓам, сè додека не излезе правдата за мојата ќерка Емилија“, порача таа.

По нејзиното обраќање, присутните продолжија со извици „Живот, слобода“, „Нема за нас мир“ и „Една за сите, сите за една“.

Од иницијативата „Ниту една повеќе!“ најавија нов протест за среда, 25 ноември, со почеток во 17 часот, во паркот „Жена борец“ во центарот на Скопје.