Фото: Пекселс

Германската авиокомпанија „Луфтханза“ планира да укине 1.000 работни места со полно работно време во своите два главни центри, Франкфурт и Минхен, поради продолжените финансиски загуби. Планот е наведен во интерно писмо до вработените, објавија „Еуроњуз“ и германската јавна телевизија АРД.

Мерката се однесува на „Луфтханза ерлајнс“, главната авиокомпанија во групацијата „Луфтханза“, во која се и превозниците „Свис“, „Аустриан ерлајнс“ и „Бриселс ерлајнс“.

Во првите девет месеци од годинава „Луфтханза ерлајнс“ забележала оперативна загуба од 180 милиони евра, односно просечно по 20 милиони евра месечно. Раководството како причини ги наведува војната на Блискиот Исток, високите трошоци за гориво, деветте дена штрајк и веќе високите трошоци за работење.

Планот за реструктурирање, започнат во 2024 година, опфаќа повеќе од 700 мерки што треба да ја зголемат заработката за 2,5 милијарди евра до 2028 година. Во писмото до вработените, менаџментот предупредува дека досега најавените чекори повеќе не се доволни.

Засега не е познато кога и како ќе се спроведе намалувањето на бројот на работни места. Не е разјаснето ниту дали овие 1.000 позиции се дел од претходно најавениот план на групацијата за укинување околу 4.000 претежно административни работни места до 2030 година.

Најавеното намалување опфаќа околу 2,5 отсто од приближно 40.000 вработени во главната авиокомпанија.