Фото: Министерство за внатрешни работи

Министрите за внатрешни работи и за социјална политика, демографија и млади, Панче Тошковски и Ѓоко Велковски, и државниот јавен обвинител Ненад Савески денеска во Јавното обвинителство договориле конкретни мерки за зајакнување на меѓуинституционалната координација и итно постапување во случаите на семејно насилство.

Министерот Тошковски, преку објава на својот официјален профил на Фејсбук, истакна дека секоја пријава мора да биде сфатена сериозно, секоја жртва да добие навремена заштита, а секој сторител да се соочи со одговорност.

-Договоривме МВР веднаш по приемот на пријава да го известува надлежното обвинителство, по што јавниот обвинител ќе координира тим од полициски инспектори и стручни лица од центрите за социјална работа. Ќе се обезбедува итна процена на ризиците, потребните докази и стручни мислења, со цел брзо и ефикасно постапување – информира Тошковски.

Дополнително, во сите три институции ќе бидат воспоставени постојано достапни контакт-точки за непосредна комуникација и координација, со цел да се избегнат непотребни одложувања во случаите кога се загрозени безбедноста и животот на граѓаните.

-Семејното насилство не е приватна работа. Тоа е сериозен проблем на кој државата мора да одговори одлучно, координирано и без одлагање. Наш приоритет е да ги заштитиме жртвите, да спречиме повторување на насилството и да обезбедиме сторителите навремено да бидат изведени пред лицето на правдата. Ниту една пријава не смее да биде потценета. Ниту една жртва не смее да биде оставена сама – додава Тошковски.