Русија денеска ја отфрли можноста Украина да добие безбедносни гаранции што би претставувале, според Москва, „квазичленство“ во НАТО. Реакцијата следува по изјавата на американскиот пратеник Џаред Кушнер дека руската страна станала поприемчива за гаранции засновани врз принципот на колективна одбрана на Алијансата, објави Ројтерс.
Рускиот заменик-министер за надворешни работи Сергеј Рјабков порача дека за Москва е неприфатлива и секоја „креативна формула“ што би ѝ обезбедила на Украина таков статус. Тој го повтори руското барање Киев да се откаже од членството во НАТО, наведувајќи дека потоа може да се разговара за безбедносни гаранции.
Кушнер во четвртокот во Берлин изјави дека тој и американскиот пратеник Стив Виткоф постигнале напредок во разговорите со Русија за гаранции засновани врз членот 5. Тој принцип предвидува нападот врз една членка на НАТО да се смета за напад врз сите.
На истиот собир, францускиот претседател Емануел Макрон повика повторно да се отвори прашањето за украинското членство во Алијансата.
Рјабков потврди и дека се подготвува можна посета на претставници од Велика Британија, Германија и Франција на Москва за разговори за Украина.
































