Лек од истата група како вијаграта покажал охрабрувачки резултати кај дел од луѓето со рана Алцхајмерова болест. Во клиничко испитување спроведено во 13 земји, таблетата АР1001 го забавила влошувањето на меморијата и мисловните способности за околу 31 отсто во текот на една година, пишува „Гардијан“ (The Guardian).
Но резултатот е ограничен на група од 604 пациенти кои не земале други лекови за Алцхајмерова болест. Во пошироката група учесници, во која биле вклучени и луѓе што истовремено примале други терапии за симптомите на Алцхајмер, АР1001 не постигнал статистички значаен ефект. Токму затоа експертите предупредуваат дека резултатот од 31 отсто не треба да се толкува како ефект што е потврден кај сите пациенти.
АР1001 е лек од групата ПДЕ5-инхибитори, во која спаѓа и вијаграта, но е развиен специјално за Алцхајмерова болест. Делува преку релаксирање на крвните садови и зголемување на протокот на крв во мозокот, а истражувачите сметаат дека може да влијае и на клеточни процеси поврзани со учењето и меморијата.
Д-р Шиона Скејлс, директорка за истражување во „Алцхајмерс рисрч Ју-Кеј“ (Alzheimer’s Research UK), ги оцени резултатите како охрабрувачки, но нагласи дека користа била статистички значајна само кај учесниците кои не земале други вообичаени лекови за Алцхајмер. Кај целата испитувана група ефектот не бил значаен.
И д-р Ричард Оукли од „Алцхајмерс сосајети“ (Alzheimer’s Society) посочува дека лекот изгледал помалку ефикасен кај пациентите кои земале други терапии, што треба дополнително да се истражи. Потенцијална предност е што АР1001 се зема еднаш дневно како таблета, за разлика од дел од поновите терапии што се даваат со инфузија.
Сепак, засега станува збор за првични резултати од третата фаза на клиничко испитување, презентирани на научна конференција. Целосните податоци допрва треба да бидат објавени и анализирани од научната заедница, а лекот мора да помине и регулаторна процена пред евентуално да се користи како терапија.
Стручњаците посебно нагласуваат дека ова не значи дека вијаграта треба да се користи за лекување Алцхајмерова болест. АР1001 е посебен лек од истата фармаколошка група и е развиен конкретно за Алцхајмер.


































