фото: Пиксабеј

Окружниот суд во Пловдив денеска одлучи во притвор да остане 32-годишниот Николај Чалаков, кого обвинителството го посочува како водач на крајнодесничарската расистичка организација „Кју-клукс-клан – Дивизија Пловдив“, објави Бугарското национално радио.

Тој е обвинет дека раководел со група што проповедала и поттикнувала дискриминација, насилство и омраза врз основа на раса, етничка припадност и сексуална ориентација. Според обвинителството, членовите планирале насилни напади и подметнување пожари во пловдивската населба „Столипиново“.

Чалаков и уште десет лица, меѓу кои четворица малолетници, биле приведени на 17 ноември во заедничка операција на полицијата и Државната агенција за национална безбедност во Пловдив и Раковски.

При претресите на 14 адреси и две возила биле пронајдени знамиња, свастики, маски, телефони, книги и облека со симболи што, според истражителите, укажуваат на припадност кон организацијата. Останатите полнолетни обвинети се пуштени со парична гаранција од по 1.000 евра, а малолетниците се ставени под надзор на надлежната служба за работа со деца.

Според обвинителството, групата комуницирала преку затворена онлајн-група, а информациите за состаноците се пренесувале од човек на човек за да се прикрие нејзината активност.

Чалаков ги негирал тврдењата на сведоците и побарал поблага мерка. Неговата одбрана оспорила дека има доволно докази оти тој организирал и раководел со структурата.

Судската одлука не е конечна и може да биде обжалена пред Апелацискиот суд во Пловдив.