Самитот на АПЕК во Шенжен и новата визија за економско поврзување
- Под мотото „Градење азиско-пацифичка заедница за заеднички просперитет“, една од најсилните светски економии ја претстави својата визија за регион во кој отвореноста, економската интеграција, иновациите и инклузивниот развој ќе бидат основа на иден напредок. Тоа е во согласност со посветеноста на Кина кон економско отворање на високо ниво, што претставува симбол на нејзината модернизација и развој, како и на определбите за зајакнување на меѓународната соработка и за понатамошно глобално поврзување
Економската иднина на светот деновиве во голема мера се обликува во Азија и Пацификот, каде што се наоѓаат дел од најголемите производствени и технолошки центри, најдинамичните пазари и водечки економии. А економската моќ регионот произлегува и од способноста за соработка и поврзување на пазарите, при што токму врз оваа идеја се темели Азиско-пацифичката економска соработка (АПЕК), чиј самит беше одржан неделава во кинескиот град Шенжен со учество на светски лидери, деловни раководители и креатори на политики.
Значењето на АПЕК како платформа основана во 1989 година, која денес обединува 21 економија, дополнително е изразено во време кога глобалната економија се соочува со трговски бариери, геополитички тензии и превирања во синџирите на снабдување, со што организацијата во такви околности има важна улога во поттикнување на трговијата и инвестициите, како и во одржувањето на дијалог меѓу економиите со различни развојни модели и национални приоритети.
Кина има особена улога во оваа успешна приказна. Нејзината економска трансформација, отворањето кон меѓународните пазари и развојот на инфраструктура значително придонесоа за унапредување на економскиот пејзаж на регионот, додека улогата во глобалните синџири на снабдување ја вброи неа меѓу клучните економски партнери на повеќе држави.
Кинеското претседавање со АПЕК годинава и одржувањето на самитот во Шенжен затоа имаат особено значење. Под мотото „Градење азиско-пацифичка заедница за заеднички просперитет“, една од најсилните светски економии ја претстави својата визија за регион во кој отвореноста, економската интеграција, иновациите и инклузивниот развој ќе бидат основа на иден напредок. Тоа е во согласност со посветеноста на Кина кон економско отворање на високо ниво, што претставува симбол на нејзината модернизација и развој, како и на определбите за зајакнување на меѓународната соработка и за понатамошно глобално поврзување.
Во своето обраќање на 33. состанок на економските лидери на АПЕК, кинескиот претседател Си Џинпинг ја истакна определбата на Кина да биде „застапник, промотор и предводник на азиско-пацифичката економска соработка“, Тој во таа прилика повика на обединување на развојниот потенцијал на земјите во регионот, нагласувајќи дека „отворената соработка е сигурен пат кон развојот и ревитализацијата на Азиско-пацифичкиот регион“.
Оваа порака добива дополнителна тежина во услови на растечкиот протекционизам и нарушување на глобалните трговски текови. Кинескиот пристап се темели на слободна и отворена трговија, отстранување на инвестициските бариери и поедноставување на прекуграничните економски активности. Поголемата усогласеност на трговските правила, дигитализацијата на процедурите и олеснувањето на царинските постапки можат да создадат поповолни услови за компаниите од сите дејности.
Во таа насока е и понатамошниот развој на Зоната на слободна трговија на Азија и Пацификот (ФТААП), чие унапредување се очекува да овозможи намалување на трговските бариери и поголема усогласеност на правилата меѓу регионалните пазари. За малите и средните претпријатија, тоа би значело поедноставен пристап до странските пазари и полесно вклучување во меѓународните производствени и трговски мрежи.
Отворената трговија бара и соодветна инфраструктура. Пристаништата, железничките и патните коридори, енергетските системи и дигиталните мрежи се основа за побрзо и поефикасно движење на стоките, услугите и луѓето. Токму затоа, инфраструктурното поврзување е еден од важните столбови на кинеската визија за регионалниот развој.
Конкретни примери за значењето на ваквите инвестиции се пристаништето Чанкај во Перу, кое отвора нови трговски можности меѓу Јужна Америка и Азија, и каналот Пинглу во Кина, кој ја подобрува поврзаноста на југозападните кинески региони со Југоисточна Азија и меѓународните поморски рути. Воедно, мрежата на т.н. e-пристаништа на АПЕК придонесува за поефикасни царински процедури и дигитализација на прекуграничната трговија. Овие проекти ги намалуваат логистичките трошоци и отвораат простор за нови инвестиции и деловни партнерства.
Иднината на регионалната економија зависи и од дигиталните технологии, вештачката интелигенција, автоматизацијата и зелената трансформација кои веќе го менуваат начинот на кој се одвиваат производството и трговијата, како и создавањето економска вредност. Кина има значајна улога во овие процеси, особено во развојот на дигиталната економија, напредното производство и обновливите извори на енергија.
Еден од предизвиците е технолошкиот напредок да стане достапен и за помалите економии. Се смета дека тие можат да ги модернизираат своите индустрии преку научна и технолошка соработка, размена на знаење и развој на дигитални услуги, за да се вклучат во новите глобални производствени текови. Покрај технолошкиот и индустрискиот напредок, важен приоритет е и пошироката распределба на економските придобивки. Затоа, во рамките на АПЕК сè поголемо внимание се посветува на малите и средните претпријатија, земјоделството, прехранбената безбедност и развојот на локалните заедници.
Примената на иновативни земјоделски методи од Кина исто така овозможува подобрување на земјоделското производство, поефикасно користење на ресурсите и создавање дополнителни приходи за локалното население. И покажува дека трансферот на знаење и практични технологии може да има непосредно влијание врз животниот стандард, покрај придобивките што ги носат големите инфраструктурни и индустриски проекти.
Конкретни механизми за спроведување на овие приоритети беа дел и од кинеското претседавање со АПЕК, при што во текот на годинава беа организирани речиси 300 настани и активности. Усвојувањето на Декларацијата на лидерите на АПЕК за 2026 година и документот „Визија од Шенжен“, заедно со документите посветени на трговијата, поврзаноста и иновациите, ја потврди определбата за продолжување на регионалната економска соработка.
Со економското поврзување во Азија и Пацификот се предвидува посилна интеграција што може да отвори нови трговски и инвестициски перспективи и за Европа, вклучително и за земјите од Југоисточна Европа. За нашиот регион тоа значи можност за диверзификација на трговските односи, привлекување инвестиции, модернизација на производствените капацитети и подобрување на логистичката поврзаност со азиските пазари.
Самитот во Шенжен, на тој начин, отвора перспективи што ги надминуваат актуелните економски приоритети на АПЕК, промовирајќи идеја за отвореност и соработка како основа на економскиот развој. Кинеската визија нуди одговор преку трговска интеграција, инфраструктурни инвестиции, технолошка размена и пошироко учество во економскиот раст.
Пораката од Шенжен може да се сведе на суштинската определба дека економскиот напредок не треба биде трка во која едни добиваат на сметка на други, туку оти отвореноста кон пазарите, размената на знаење и заедничките инвестиции можат да создадат услови за просперитет на повеќе земји и општества. Тоа е визијата за азиско-пацифичка економска заедница чиј развој ќе има значење и далеку надвор од границите на регионот.
































