По дефиниција, општеството е голема заедница од луѓе што живеат и работат на определена територија за остварување заеднички интерес и општо добро. Таа заедничка форма на живот се потпира врз база и надградба. Просто речено, базата е материјалниот свет, а духовноста надградба. Тие се во сооднос и заедништво пред сѐ за хармонија, квалитет и содржински просперитет. За жал, се чини дека има сѐ поголем расчекор помеѓу нив и сѐ помало разбирање за надградбата од страна на базата. За среќа, нивните релации минале низ различни кризни периоди, па сега надградбата е со посилен имунитет кон животни удари и поиздржлива за сопствениот опстанок. Всушност, таа едноставно се приспособи на реалноста и се чини како доволна сама за себе. Но тоа и не е така. За разлика од духот и духовноста, кај општествата сѐ почесто има пукнатини што настојуваат да ги подгреваат разликите и судирите.
Низ вековите тие кризни состојби се повторувале со зреење на спротивностите. За време на Римската Империја општествената напнатост ќе стивнела откако патрициите ќе посегнеле по рецептот „panem et circenses“ или во слободен превод како „леб и игри“ или „леб и циркус“. Понуди или нафори за народот. Оттогаш, тој се употребува до денешни дни како магија што успешно ги амортизира натрупаните спротивности. Оваа магија е плод на мислите на сатиричарот Јувенал, кој живеел во времето на императорите Трајан и Хадријан. Во еден од своите декламаторски памфлети (усни пораки или рецитирања), човекот ум изјавил дека е „тешко да не се пишува сатира“ во општество на спротивставености. Преку сатирата, Јувенал ги критикувал аристократите што се гордееле со сопствените вредности и со големината на нивното потекло, кое немало вредности. Но што е тоа што овој човек, кој доцна станал поет, а пред сѐ бил и офицер на римска легија, го натерало успешно да ја искаже својата магија мошне важна за општеството? За време на императорот Веспазијан, овој поет, кој тогаш и не бил поет, бил именуван за заповедник на една чета што војувала во Далмација. Таму, доживеаното, го натерало да ја развие својата поетска жила бидејќи лично ги следел судбините на оние што го давале својот живот за доброто на општеството. Во суштина, за доброто на привилегираните и богатите. Имено, во неговата седма по ред сатира, во која ја опишува тешката материјална положба на учените луѓе, граматичарите, поетите, реторите и сите оние од духовната сфера на општеството што го чистеле и разубавувале животот, видливо ја изразил потребата за реален пристап на материјалниот свет кон надградбата. Се разбира, сето тоа за заедничко добро.
Гледаме чудо! Роналдињо, големиот фудбалски маг, повторно ѝ се врати на топката! Да, тој стана дел од Јувеналовата филозофија. Потврда дека животот односно општеството има потреба од издувни вентили што ќе ја релаксираат тешката состојба исткаена од пораснати спротивставености. Што му фалеше што на грбот носи 45 години кога неговата магија плени со секој пас, со секој лоб и секоја замисла, која ретко кој може да ја чита. Се разбира, освен вистинските познавачи на „најважната споредна работа на светот “ – фудбалот. Во моментов има голема симболика во неговото враќање на теренот на третолигашот Равена пред полниот стадион. Фудбалската интелигенција е природен дар и таа е врвот на волшепството. Во една пригода, некогашниот тренер и селектор на Партизан односно на југословенската репрезентација Анте Младиниќ даде изјава во која кажа дека за добар фудбал не му се потребни 22 нозе колку што му се потребни 11 глави што мислат.
А што гледаме денес во преполната агенда на фудбалскиот мегакосмос? Гладијатори со широки раменици набиени со кондиција, чести прекини на играта и преправање, боречки вештини во шеснаесетникот и тешки повреди, пот, крв и пари. Освен тоа, целосна доминација на стратези што наместо игра, гледаат да расипат магија од спротивната страна. Значи, од играта само чудни ВАР-одлуки, кои ги збунија дури и одличните арбитри. Сега најчесто мора да носат одлуки против самите себе и своето уверување. Што ќе се случи дури и ако погрешат? Па, и тоа е дел од нашата човечка психологија. Но кога греши ВАР пред нашите очи, е тоа е револт и нервоза за сите што како гледачи учествуваме во натпреварот. Да бидеме начисто, не греши ВАР-системот, греши повторно човекот како оператор со техниката, нели?
Во минатото немавме технолошка можност да следиме и некои од најзначајните натпревари од светот на спортот. Тогаш страшно им се лутевме на ТВ-центрите што не беа во можност да пренесуваат средби. Што од немање техника, што од немање средства за да ги платат. Денес во една вечер можеме да следиме многу средби ама ниту една да гледаме на раат. Врти ваму по каналите, врти таму, па додека го правиме тоа, паднале неколку гола. Туку, кога може да му се погоди на човек? Ако во демократска Франција оваа седмица на улиците излегоа над 800 илјади гневни луѓе и ја продолжија повеќедневната агонија, политичарите и елитите како да не даваат ниту пет пари за оние што се борат за своите права. Е па, ако материјалниот свет се „вари“ во сопствените аномалии, ќе мора да посегне и по некои заборавени вредности. На пример по надградбата?
Познатиот Жил Верн, писателот чија магија ја освои светската читателска публика, преку пишаниот збор, а подоцна и преку филмот, нѐ внесе во светот на визуелните вредности. Филмови како „Дваесет илјади милји под морето“ со Кирк Даглас и Џејмс Мејсон, „Пат околу светот за 80 дена“ со Дејвид Нивен и смешникот Кантинфлас како Паспарту и „Патот во центарот на земјата“ со Пет Бун и Арлин Дел беа поттик за духот да придвижи цела филмска индустрија што ги полнеше киносалите низ светот. Емил Зола ја освои јавноста преку своите „Обвинувам“, „Нана“ и „Жерминал“, а филмот беше тој што ги направи уште пославни. Виктор Иго ја запечати величествената слава на бесмртните „Клетници“ и „Ѕвонарот на Богородичната црква“. За книгите на Александар Дима – јуниорот и сениорот, да не правиме муабет. „Трите мускетари“, „Човекот со железната маска“, „Госпоѓата Де Монсоро“, „Грофот Монте Кристо“ беа дела прочитани и гледани по неколкупати. Можеби светот беше наивен или можеби помудар да апсорбира нешто што е само замисла на умови, но секако дека беше одговорен и знаеше да цени. Големиот актер Жан Маре успешно играше во делото на Пол Февал „Грбавецот“, а Ален Делон и Белмондо во „Црното лале“ и „Картуш“. Во случајов или надградбата се осамостои или базата научи да ја почитува заради сопствена материјална добивка.
Во мојот Гостивар имавме библиотека преполна книги. Редови ученици чекаа упорно за да ја земат книгата што ја посакуваа. Библиотеката се наоѓаше во централниот дел од големиот градски парк. Денес тој е со намален габарит. На делови од него, градби. Во близина на библиотеката, прекрасен кермес со музика и добра храна. Во двата објекта врвеше од посетители. Тоа некако му дојде како спој на материјалното и духовното – општествен сублимат за еден квалитетен и мирен живот…?
Авторот е писател
Љубомир Јованоски

































