Светот конечно здивна – Роберт Патинсон е избран за нов Џејмс Бонд, а тоа значи: тајниот агент 007 е жив, сеедно што загина во неговата последна мисија наречена „Нема време за умирање“. По објавувањето на оваа вест, Трамп, Путин и Си веднаш отрчаа во Шенжен и споделија радосна информација – нуклеарна војна нема да има. На сите веднаш ни олесна. Нормално дека нема да има – не може тукутака да садиш наоколу радиоактивни печурки кога знаеш дека Џејмс Бонд те демне од некаде, секогаш спремен и со дозвола за убивање – и десет нуклеарки да активираш, тој во последен момент знае како да го исклучи тајмерот што одбројува и да го спаси светот. И не само тоа. Штом се најави враќањето на агентот што живее и ги остава другите да умрат, климатските промени престанаа да се менуваат, па Грета Тумберг, која си го остави детството по мрачните ќор-сокаци на стаклената градина, конечно може да се пензионира и да ѝ се посвети на младоста каде што на раат ќе се журка без да стравува дали прдењето на кравите ја вознемирува вселената.
Сега сме сите возбудени и во напнато исчекување – која ќе биде следната мисија на агентот на кој светот не му е доволен – секој проверува дали во поблиска или подалечна фамилија има некоја тетка што одвреме-навреме пие кафе со Манипени, за од прва рака да се дознае кој злосторник наскоро ќе мора да се помири со фактот дека кариерата му завршува. И сите имаме различни желби. Тајното друштво „Коалиција на волните“, познати како меѓународен фронт предводен од Велика Британија, Франција и Германија, а поддржувачи на Украина, сигурно се надеваат дека Џејмс Бонд ќе ја продолжи војната против Русија додека не ја фрли Москва на колена, при што во последната сцена Путин ќе моли за милост, ама најшармантниот агент на светот ќе му ја заврши приказната. Или којзнае, чудни се патиштата Бондови – американската администрација сигурно се надева дека агентот што знае дека утрешнината никогаш не умира, па затоа само двапати се живее, наместо Москва, за своја нова мисија ќе го избере Техеран за да го сардиса и да ја заврши кариерата на режимот од Персија што на американските граѓани им го поскапе бензинот.
О да, сите имаат потреба агентот 007 да го заврши проблемот што нив ги измачува. Тројката прогресивни дами, Урсула, Каја и Марта, сигурно лобираат кај директорот М да го испрати својот најдобар згоден агент на европска мисија и само за нивните очи – да им ги мафне од пред очи – оние забегани женишта, караконџулите Мари Ле Пен и Алис Вајдел од АфД кои сакаат да завладеат со Франција и Германија. Од шпекулации блиски на бубамарата, начув дека Рим инсистира да го ангажира Бонд за нов фудбалски тренер на репрезентацијата за да ја одведе Италија на Светско првенство. Езотеричната танчарска групација со седиште во Софија, а наречена „Dirty ДАНСing“, се моли кај своите колеги од МИ6 и се надева дека агентот што не знае за умирачка ќе ја земе за своја Бонд-девојка извесната Ива Михаилова, за оваа конечно да престане да аздисува низ Бугарија, па така ќе им донесе барем квант утеха, сеедно што тие сами утнаа жанр обидувајќи се да измислат „Шиндлерова листа“ на репресирани Бугари во Македонија.
И во Македонија – која исто така го промаши жанрот, па продолжува да ја живее својата нордистанска хорор-приказна – напнато се очекува новата Бонд-мисија, па многумина се надеваат дека агентот што ќе умре некој друг ден, ќе ја оствари токму нивната потреба. Власта која мора да глуми во римејк што ни се повторува како фарса, а се вика „Непристоен предлог – француска верзија“, секако ќе инсистира Џејмс Бонд лично да ги донесе европските гаранции за постоење на македонскиот идентитет, сеедно што македонизмот беше ликвидиран на мисијата во Нивици од нашиот двоен агент на кој не му се суши раката (двоен затоа што работи и против нас и за потребите на ЦИА) и неговиот шеф Муртинорејкер, познат и како човекот со златно пенкало. И опозицијата трие раце, оти знае дека Бонд… Џејмс Бонд, како прогресивен агент, ако веќе доаѓа во Нордистан, сигурно ќе дојде да ја руши вмровската диктатура среде која тие мораат од утро до мрак да дремат во ударни термини на сите национални телевизии. Но, пред да им донесе власт како што тоа пред десет години го направи американскиот агент Итан Хант, кој под кодното име Џес Бејли истера невозможна мисија, поразените на избори да станат победници – убедени се дека најшармантниот и најопасниот Британец во својот спектар акции сигурно ќе ги пронајде скриените мигранти од Британија, црните пари од Русија и изгубените шарени момчиња од Недојдија до Шуторогатија.
Ама не се само политичарите во исчекување на новота Бонд-мисија – тука се и оние што демек не се политичари – невладиното граѓанство луѓенца што љубат и сакаат да бидат обљубени од шпиони, а сега богами имаат и силни причини да се надеваат дека Џејмс Бонд повторно ќе им донесе грантови за револуција, бидејќи ова што го живееме всушност е умирачка, па разбудени од слаткиот седумгодишен сон што го спиеја во лулката на власта, принудени се да кренат глас, сведочејќи страшни проблеми, кои секако беа тука и претходно, дури и со пострашен интензитет, ама тие ги преспаа. И третата власт со рејтинг 0,07, сигурно ќе побара од агентот 007 да им ги качи платите. Јас пак мислам дека господинот Бонд најпрво ќе влезе во Нордистан маскиран како каубој и со својата волшебна усна хармоника ќе им засвири на кравите од Крива Паланка, па ќе ги поведе кон ливадите од нивната фантазија, каде што на раат ќе можат од утро до мрак да ѝ прдат на вселената.
Само ние што заборавивме да пораснеме, иако првично се израдувавме од изборот на Денис Вилнеф за режисер на новата Џејмс Бонд приказна – исплашени од искуството со последните делови на „Терминатор“ и „Alien“ сагата каде што одеднаш добриот робот од иднината почна да се расфрла со феминистички трактати, а сценаристите на „Alien: Covenant“ на страшните вонземјани им ставија геј брачен пар на менито – со паника ја примивме веста дека најверојатно новата Бонд-девојка ќе биде трансродова личност, не затоа што имаме нешто против феминистки, гејови и транс-луѓе, напротив, само не ни е јасно зошто воук-културата не си смисли свои херои и приказни, туку ги измачува со крајно небитни детали постојните, но ако веќе мора да има транџа во новиот филм за агентот 007, се надевам дека тоа ќе биде првата Бонд-девојка што ќе забремени.

































