Вечерва, во 20 часот, во „Јавна соба“ премиерно ќе се одигра претставата „Животинска приказна“, во режија на Александар Јовановски. Тоа е сублимација на „Домашен живот“ и „Зоолошка приказна“, две дуодрами од Едвард Олби што во својата беспрекорна корелација го доловуваат недостигот од комуникација – главното нешто што ги одвојува луѓето од животните.
Претставата говори за удобноста во која луѓето запаѓаат дури го живеат својот живот, заборавајќи на необврзувачката задача да се биде човек во вистинска смисла… човек што е обичен следбеник на животното. Иако блиски, ликовите во „Животинска приказна“, секој на свој начин, се сосема оддалечени од животното во себе, губејќи ги основните пориви што го движат моторот на животот или пак се нурнуваат во нив, давејќи се во длабочината, и така сосема го забораваат вистинското животно во себе. А сите сме животни, нели?
Ликовите во претставата ги толкуваат актерите Никола Кузелов, Ања Митиќ и Виктор Велевски.