Сенките на туѓиот ум

Од патувањата по Бидадистан (1)

  • Ова е измислена приказна. Секоја сличност со вистински настани и личности е случајна

По неколкунеделниот престој во Апсурдистан, пристигнав во Бидадистан. Љубезните домаќини ме однесоа на еден настан, каде што две маркантни фигури од мисловната елита на Бидадистан – луѓе што упорно се китат со туѓи перја – беа громогласно најавени на следниов провокативен начин: „На редовниот панел за ништологија и аплаудологија, денес ја имаме честа да ги претставиме проф. д-р Благој Бистровски, независен општествен безгрижник и шеф на Катедрата за постмодерна реторика и празни наративи, и неговиот почитуван колега, проф. д-р Коле Мендациев, дописен секретар за алтернативни вистини и постфактум дијагностика на општествената магла“.
Овие двајца титани на демагогијата со децении неуморно и детално ја бистрат политиката, секогаш успевајќи да ги остават соговорниците и јавноста во состојба на длабока филозофска магла. Проф. Бистровски во меѓународните кругови на балканските самити се претставува како Паметникоски, а неговиот колега проф. Мендациев во слични пригоди гордо го користи презимето Истиновски, иако злобните јазици од чаршијата тврдат дека ниту едниот нема врска со паметта ниту другиот со вистината.
Темата на оваа дебата гласи: „Импликациите на поскапувањето на макијатото во локалните кафулиња врз геополитичкиот баланс меѓу Истокот и Западот“.
Водител: Професори, народот е загрижен. Цената на макијатото скокна за десет денари. Проф. Бистровски, како Катедрата за постмодерна реторика го деконструира овој феномен?
Проф. д-р Благој Бистровски: Видете, колега, ова е класичен пример на катарзична парадигма. Како што кажува и моето презиме – јас ги гледам работите кристално бистро. Поскапувањето на кафето не е економски чин, туку метафизички напад врз когнитивната дисонанца на обичниот граѓанин. Ние тука не зборуваме за десет денари, туку за десет импулси на општествената депресија! Кога газдата на кафулето ќе ја смени цената на фискалната сметка, тој врши онтолошки инженеринг врз колективното несвесно. Тоа е чист неолиберален синекуризам со кој директно се анихилира правото на утринско трачарење!
Проф. д-р Коле Мендациев: (гласно се искашлува за да го прекине, па ги наместува очилата) Колега Бистровски, со сето почитување кон Вашата… хмм, елоквентна површност, морам да Ве коригирам со неколку алтернативни вистини. Вие ја бистрите водата во која веќе сте се удавиле. Нашата постфактум дијагностика на терен покажува нешто сосема поинакво. Јас вчера направив емпириско истражување во три локални биртии и одговорно тврдам – кафето не е поскапено!
Проф. д-р Благој Бистровски: (шокирано извикува) Како не е поскапено, Мендациев?! Па, луѓето плаќаат повеќе!
Проф. д-р Коле Мендациев: (се насмевнува супериорно) Тоа е само оптичка илузија на сиромашната логика, драг колега. Фактите се следните: волуменот на млечната пена во макијатото е зголемен за 12 проценти, што значи дека вие добивате повеќе микромеурчиња со воздух по единица волумен. Значи, цената на течноста е иста, а вие всушност плаќате повеќе за воздухот. Самиот воздух, како што знаеме од европските директиви, сè уште е бесплатен, но неговата аеродинамична обработка има своја вредност! Тоа е флуидна вистина што Вашата реторика не може да ја процесира. Сè е прашање на перцепција.
Проф. д-р Благој Бистровски: (црвенее, мавта со рацете) Вашата дијагностика е чиста демагогија! Вие сакате да ни кажете дека граѓаните треба да бидат среќни што пијат поскап воздух?! Тоа е геополитичка саботажа! Јасно е дека покачувањето на цената е координирано од центрите на моќ за да се дестабилизира балансот на кутиите со шеќер на масите!

Проф. д-р Коле Мендациев: (со преблаг, иритирачки глас) Колега, смирете ги емоциите, погледнете ме во очи. Кога јас лажам… мислам, кога јас зборувам, зборувам со тежина на државен секретар. Поскапувањето е всушност еколошка мерка за намалување на кофеинскиот отпечаток врз озонската обвивка на главниот град на Бидадистан. Народот треба да ни биде благодарен што му го чуваме здравјето преку неговиот паричник.
Проф. д-р Благој Бистровски: (удира со раката по масата) Колега Мендациев, Вашата релативизација на цената на макијатото е навреда за мојот интелектуален хабитус! Не заборавајте со кого дебатирате. Кога минатиот месец држев предавање на Универзитетот во Тунгузија, колегите таму, кои не можеа да го скријат восхитот од мојата бистрина, во официјалниот зборник ме преведоа како проф. Паметникоски! Да, колега, Паметникоски! Тоа е титула со која мојот когнитивен капацитет е јазично кодиран на регионално ниво. Јас сум олицетворение на чистата, дестилирана мисла!
Проф. д-р Коле Мендациев: (цинично се смешка и одмавнува со раката) О, Ве молам, Бистровски! Вашата „памет“ е само добро спакуван постмодерен ветер. Сите знаеме дека во Тунгузија Ве преведоа така само затоа што бевте во комисијата за доделување грантови. Ако зборуваме за јазичен авторитет и семејно педигре, јас сум тој што го носи вистинскиот печат. Кога јас гостувам на телевизиите во Нео-Тунгузија [главниот град на Тунгузија – белешка на авторот], аналитичарите ме потпишуваат со моето алтер его – проф. Истиновски! Затоа што мојот збор е тежок како карпа, а вистината ми е врежана во генетиката уште од херцеговачките предци. Јас едноставно физички не сум способен да изговорам лага!
Проф. д-р Благој Бистровски: (гласно се смее) Вие ли сте Истиновски, колега?! Па тоа е најголемиот оксиморон во историјата на светската сатира! Единствената вистина кај Вас е дека успешно ја криете лагата зад петнаесет туѓи зборови и латински цитати! Вие сте Истиновски исто толку колку што макијатото со повеќе пена е еколошка мерка!
Водител: (упаѓа во збор) Извинете што Ве прекинувам, почитувани професори Паметникоски и Истиновски, но времето за нашиот панел истече, а сметката за кафето во салата пристигна. Кој од Вас двајцата титани ќе ја плати оваа „онтолошка“ реалност?

***

Тука завршува овој панел за ништологија. Иако дневната политика и поскапеното макијато за миг ја одведоа дебатата во банална насока, суштинската намера беше да се дисецира анатомијата на академските паразити во Бидадистан. Како, всушност, завршува приказната за луѓето што упорно се китат со туѓи перја? Што останува кога ветерот конечно ќе ги одвее тие украдени пердуви?
На краток рок, во општество со извртени вредности, тие секогаш излегуваат победници. Но историјата на науката и културата поседува еден немилосрден филтер што на крајот сепак профункционира, дури и во најизолираните средини. Лажниот научник зад себе остава само хартија без суштина. Неговите трудови, иако многубројни, немаат вистинско влијание врз развојот на човечката мисла. Тие се како кули од карти: изгледаат импресивно сè додека трае институционалната заштита, но штом авторите ќе заминат од сцената или ќе ја изгубат политичката моќ, нивните трудови молскавично паѓаат во заборав. Никој не ги чита, никој не ги цитира од суштински побуди, туку само од бирократска обврска. Светот напредува врз основа на вистинско знаење, а не врз основа на украдени пасуси и плагијати.
Најголемата казна за овие луѓе, иако никогаш нема јавно да ја признаат, е сопствената празнина со која се соочуваат во самотијата. Тие многу добро знаат дека секој аплауз што го добиваат всушност му припаѓа на некој друг. Тие живеат во константен, подмолен страв дека еден ден некој гласно ќе ја каже вистината. Страв дека некој нов бран млади луѓе ќе одбие да го игра нивниот понижувачки танц и дека царот конечно ќе биде прогласен за гол. Зашто, ако имаа свои пердуви, зар воопшто би се кителе со туѓи?

Љупчо Коцарев, академик

(продолжува)