Првата трилатерална средба на Вашингтон, Москва и Пекинг отвора историска можност за нова глобална рамнотежа
- Трамп, Путин и Си Џинпинг испратија порака дека иднината на светот не мора да се гради врз конфронтација, туку врз дијалог, заедничка
одговорност, безбедност и просперитет. Дали Шенжен ќе стане нова Јалта, овој пат не како поделба на светот, туку како почеток на договор за неговата постабилна иднина?
Фотографијата од Шенжен можеби ќе остане една од најзначајните дипломатски слики на нашето време. Доналд Трамп, Владимир Путин и Си Џинпинг, лидерите на трите најголеми нуклеарни сили и постојани членки на Советот за безбедност на Обединетите нации, за првпат се сретнаа во заеднички трилатерален формат. На 19 ноември, на маргините на самитот на Азиско-пацифичката економска соработка (АПЕК), во кинескиот град Шенжен, тие седнаа на иста маса за да разговараат за иднината на меѓународната безбедност, нуклеарните ризици, енергетската стабилност и реформата на глобалните институции. Значењето на овој настан е многу поголемо од неговата дипломатска протоколарност. Во време кога меѓународните односи се обременети со војни, санкции, економски конфронтации и сè подлабока недоверба, самото одржување ваква средба претставува сигнал дека дијалогот меѓу најмоќните држави повторно се наметнува како неопходност. Не станува збор за тоа дека трите сили ги надминале своите противречности или дека одеднаш ги усогласиле стратегиските интереси. Напротив, нивните разлики се длабоки. Но Шенжен покажа дека постојат прашања од толкаво значење за иднината на човештвото што ниту една голема сила не може да ги решава изолирано. Нуклеарната безбедност, енергетската стабилност, меѓународната трговија и спречувањето на глобалните конфликти се заеднички предизвици, чие решавање бара соработка. Токму во тоа е историската димензија на Шенжен. Тројцата лидери не се сретнаа затоа што меѓу нив нема разлики, туку затоа што последиците од нивното меѓусебно недоразбирање можат да го погодат целиот свет.
Кина – домаќин на новата геополитичка реалност
За Си Џинпинг, Шенжен претставува значајна можност Кина да ја потврди својата позиција како еден од клучните центри на современата светска политика. Изборот на градот не е случаен. Шенжен е симбол на кинеската економска трансформација, технолошкиот развој и способноста на земјата за неколку децении да се претвори во глобална индустриска и економска сила.
Со тоа што ги седна американскиот и рускиот претседател на иста маса, Си испрати порака дека Пекинг не сака да биде само еден од учесниците во новата меѓународна архитектура туку и активен чинител во нејзиното обликување. Кина денес има специфична позиција во светот. Со САД ја поврзуваат огромни економски односи, но и сериозна технолошка и стратешка конкуренција. Со Русија ја поврзува широко развиена економска и политичка соработка, но и потребата од зачувување на сопствената стратегиска автономија. Истовремено, Пекинг настојува да се претстави како сила што глобалното влијание го гради преку трговија, инвестиции, инфраструктура и дипломатски иницијативи. Шенжен му овозможи на Си да ја покаже токму таа улога, имено Кина да биде местото каде што можат да се сретнат и да разговараат сили со различни интереси и политички системи.
Трамп и Путин: Отворање на дипломатскиот канал
Особено внимание привлече и односот меѓу Доналд Трамп и Владимир Путин. Нивниот билатерален разговор пред трилатералната средба, проследен со пораки за лична комуникација и можности за подобрување на односите, покажа дека Вашингтон и Москва повторно бараат простор за директен политички дијалог. За Трамп, тоа е можност американската дипломатија да се позиционира како активен двигател на нови меѓународни договори. Неговата надворешнополитичка концепција во голема мера се потпира врз директни разговори меѓу лидерите и обидот сложените меѓународни прашања да се решаваат преку политички договори. За Путин, пак, средбата претставува можност Русија да биде вклучена во највисокото ниво на глобалното одлучување и покрај длабоките несогласувања со Западот. Но централно прашање останува Украина. Војната продолжува да биде најголемата пречка за нормализација на односите меѓу Русија и западните држави. Иако била дел од пошироките разговори, таа не доби конкретна разврска во заедничката декларација. Тука се отвора едно од најважните прашања на новата дипломатија, а тоа е дали директниот разговор меѓу големите сили може да создаде услови за прекин на војните, а притоа да се обезбеди и учество на државите што непосредно се засегнати од нив. Вистинскиот дипломатски успех би бил токму во тоа. Не во наметнување решение надвор од волјата на засегнатите страни, туку во создавање услови за мир што ќе биде одржлив, заснован врз меѓународното право и безбедносните интереси на сите учесници.
Заедничката декларација: Четири точки, четири темели на можната нова соработка
Особено значење има заедничката декларација од Шенжен, бидејќи за првпат во ваков формат ги обединува политичките определби на трите сили околу неколку глобални прашања.
Првата точка се однесува на реформата на Обединетите нации. Тоа е важен сигнал дека и најмоќните држави ја препознаваат потребата од модернизација на меѓународните институции. Светот од 1945 година и светот во 2026 година се суштински различни. Новата економска и политичка реалност бара поголема застапеност, поефикасно одлучување и институции способни да одговорат на современите безбедносни и развојни предизвици. Реформата, сепак, треба да биде во интерес на целата меѓународна заедница, а не само на прераспределбата на влијанието меѓу големите сили.
Втората точка ги нагласува енергетската стабилност и зголемувањето на производството и снабдувањето со рафинирани нафтени деривати. Ова прашање има директни последици врз светската економија, индустрискиот развој и животниот стандард. Постабилните енергетски текови и предвидливите пазари можат да придонесат за намалување на економските притисоци, особено врз државите зависни од увоз на енергенти. Со оглед на ресурсите на Русија, индустриската моќ на Кина и влијанието на САД врз глобалните енергетски пазари, координацијата меѓу нив би можела да има пошироки позитивни последици. Секако, декларацијата допрва треба да се преточи во конкретни механизми и договори.
Третата точка се однесува на државниот суверенитет, имунитетот на државните функционери и надлежностите на Меѓународниот кривичен суд. Ова е најчувствителниот дел од документот, бидејќи отвора прашања за рамнотежата меѓу суверенитетот на државите и меѓународната правна одговорност. Заедничкиот став на трите сили покажува дека постои интерес за преиспитување на границите на меѓународната јурисдикција. Но секоја реформа на меѓународното право мора да ја зачува и неговата основна функција: заштита на човековите права и одговорност за најтешките повреди на меѓународните норми.
Четвртата точка, за нуклеарната безбедност, е можеби најважна за иднината на човештвото. Заедничката потврда дека нуклеарна војна не може да се добие и никогаш не смее да се води има посебна тежина кога доаѓа од државите со најголеми нуклеарни арсенали. Особено по истекувањето на договорот Нов СТАРТ меѓу САД и Русија на 5 февруари 2026 година, потребата од нова рамка за контрола на вооружувањето станува уште поизразена. Вклучувањето на Кина во идните разговори би можело да биде важен чекор кон поширока архитектура на нуклеарна стабилност. Сепак, декларацијата сè уште не содржи конкретни обврски за намалување на арсеналите, рокови или механизми за проверка. Затоа, нејзината вистинска вредност ќе зависи од продолжувањето на дијалогот и од подготвеноста на трите сили да преземат практични чекори.
Овие четири точки покажуваат дека Шенжен не е само средба за моменталните политички односи туку и обид за отворање разговор за некои од најважните предуслови за долгорочна глобална стабилност. П.Р.
Јалта 1945 – Шенжен 2026: Историска паралела и нова одговорност
Споредбата на трилатералната средба со највисок формат во Шенжен со историската средба во Јалта е неизбежна. За потсетување, во февруари 1945 година, во завршницата на Втората светска војна, Франклин Рузвелт, Винстон Черчил и Јосиф Сталин се сретнаа за да разговараат за повоениот свет, иднината на Европа и новата меѓународна архитектура. Од тие разговори произлегоа политички одлуки што длабоко го обликуваа светот во следните децении.
Осумдесет и една година подоцна, Шенжен повторно ги собра лидерите на трите највлијателни сили во момент кога постојниот меѓународен поредок се наоѓа пред сериозни промени. Се разбира, историските околности се различни. Јалта се одржа во услови на светска војна и непосредно пред нејзиното завршување. Шенжен се случува во свет со повеќе центри на моќ, меѓузависни економии, технолошка конкуренција и регионални воени конфликти. Нема договор за поделба на територии или за воспоставување сфери на влијание. Но постои една суштинска сличност. Имено, во двата случаи станува збор за потребата најмоќните држави да разговараат за правилата според кои ќе функционира меѓународниот систем. Токму затоа Шенжен може да се разгледува како еден вид нова Јалта, но со поинаква историска амбиција. Ако Јалта ја постави основата на повоениот поредок, Шенжен би можел да биде почеток на разговор за неговото приспособување кон новата распределба на глобалната моќ. Најважното прашање е дали големите сили ќе успеат да ја надминат логиката на меѓусебното ограничување и да изградат модел на коегзистенција во кој нивната конкуренција нема да ги загрозува мирот и развојот на другите. П.Р.
И Европа и малите држави го бараат своето место во новиот светски договор
За Европа, Шенжен е и можност и предизвик. Таа не беше таму. Брисел веќе не е рамен на Вашингтон, Москва или Пекинг по ниеден геополитички или геоекономски основ. Но европските држави имаат директен интерес во стабилизацијата на односите меѓу Вашингтон, Москва и Пекинг. Секако, ЕУ има интерес и во соодветна улога во меѓународното одлучување.
За малите држави, пак, најважно е новото договарање меѓу големите сили да не значи намалување на нивниот политички простор и суверенитет. Напротив, стабилниот меѓународен поредок, почитувањето на меѓународното право и функционалните мултилатерални институции се најважната гаранција за нивната безбедност.
За Македонија, како членка на НАТО и држава посветена на европската интеграција, овие процеси имаат непосредно значење. Односите меѓу трите најголеми сили влијаат врз безбедносната архитектура, енергетските пазари, трговските текови и политичката стабилност во поширокиот регион. Нашиот интерес е свет во кој соработката меѓу големите сили ќе создава поголем простор за развој, а не нови линии на поделба. Во тој контекст, новата глобална дипломатија треба да биде инклузивна. Мирот и просперитетот не можат да бидат привилегија само на едни. Тие треба да бидат заедничка придобивка за сите држави, независно од нивната големина и економска или воена моќ. Тоа важи и за Брисел и ЕУ, која игнорирајќи ги јус когенс принципите, вклучувајќи го и меѓународното право, се стави во позиција да биде нерелијабилна, нерелевантна, како и нестабилен партнер на своите сојузници со водење политики на два колосека, оставајќи ги во недоумица и своите партнери, но и други субјекти и држави во меѓународните односи. П.Р.
Шенжен како можен почеток на нова ера
По средбата, добро е што секој од тројцата претседатели имаше причина да го претстави настанот како дипломатски успех. Си Џинпинг ја потврди улогата на Кина како домаќин на глобалниот дијалог, Трамп доби можност да ја афирмира својата концепција за лична дипломатија и големи договори, а Путин повторно се најде на заедничка маса со лидерите на двете најмоќни светски сили.
Но вистинското значење на Шенжен нема да се мери според политичките поени што ги освои секој од нив. Ќе се мери според тоа дали средбата ќе создаде континуитет на дијалогот и дали заедничките принципи ќе бидат преточени во конкретни договори.
Украина да не остане нерешено прашање. Иран и пошироката безбедност на Блискиот Исток сè уште бараат дипломатски решенија. Нуклеарната контрола допрва треба да добие нова институционална рамка. Но самото отворање на разговорите за овие прашања на највисоко ниво е важен предуслов за нивно решавање. Историјата покажува дека најголемите промени во меѓународните односи не секогаш започнуваат со конечни договори. Понекогаш започнуваат со политичка одлука да се разговара, со признавање дека заедничките интереси се поголеми од моменталните несогласувања и со подготвеност да се бараат решенија наместо да се продлабочуваат поделбите.
Шенжен засега не е нова Јалта во смисла на создавање нов светски поредок. Но може да стане почеток на процес што ќе има историско значење за повторно воспоставување на големата дипломатија како инструмент за спречување конфликти, градење доверба и создавање постабилна меѓународна средина.
На крајот, светот не очекува од Трамп, Путин и Си Џинпинг да станат политички сојузници или да се откажат од националните интереси на своите држави. Очекува да ја препознаат одговорноста што произлегува од нивната моќ. Зашто стабилноста на меѓународниот поредок, безбедноста на идните генерации и можноста за економски и општествен просперитет не се прашања што можат да се решаваат со еднострани одлуки или со политика на постојана конфронтација. П.Р.
Најголемата порака од Шенжен
Можеби најголемата порака на Шенжен е дека во светот на големите разлики сè уште постои простор за големи договори!
Дека мирот не е само отсуство на војна туку и создавање услови за развој, благосостојба и подобар живот за луѓето.
Дека најголемата историска улога на големите сили не е да ја поделат иднината на светот, туку да создадат услови таа иднина да биде побезбедна и попросперитетна за сите. Ако Јалта го означи почетокот на повоената епоха, Шенжен можеби ќе биде запаметен како моментот кога најмоќните држави повторно почнаа да разговараат за тоа како да се избегне нова ера на конфронтација и да се отвори пат кон поодржлив светски поредок. Тоа засега е можност, а не историски факт. Но можност што вреди да се развива. П.Р.

































