По покана од македонскиот Културно-информативен центар во Тирана, на музичкиот фестивал „Клауд“, кој се одржува во мај во овој град, во четвртокот настапи музичкиот состав „Фолтин“ од Битола. Како што пренесува КИЦ-Тирана, концертот на „Фолтин“ започна хипнотично и мирно, спокојно. „Како да се составија во едно виолетово небо над Тирана музиката на ‘Фолтин’ и публиката“.
Битолскиот состав со европска репутација изведе голем дел од својот репертоар од сите свои албуми, а неговиот префинет настап беше препознаен од публиката, која со своите искрени реакции, танцување и аплаузи го продолжи концертот речиси двојно од времето што беше предвидено.
– Прекрасниот концерт на „Фолтин“ во Тирана беше следен од мнозина тиранчани, дипломати, професори на француското училиште во Тирана, како и дел од учесниците на Берлинскиот процес во Тирана – велат од КИЦ-Тирана.
Минатата година на фестивалот „Клауд“, каде што настапуваат повеќе од 600 учесници од повеќе земји и се одвива еден месец, успешен настап имаше македонскиот состав „Љубојна“.