Александер Зицман, преведувач
- Не е потребно да се споменува дека на германските читатели треба да им се објасни „тавче-гравче“, но кога станува збор за чисто човечки прашања, всушност не сме толку различни. Тоа не нè прави помалку интересни еден за друг – можеби, всушност, токму спротивното, вели Александер Зицман
Александер Зицман од Виена е преведувач од македонски и бугарски на германски јазик и прави анализа околу застапеноста на македонските автори во германското говорно подрачје. Тој минатата недела ја држеше работилницата „Занаетот на драмскиот превод“ наменета за избрани учесници на „Еуродрам“ во Скопје. Зицман е роден во 1974 година во Штутгарт. По студиите по скандинавистика и славистика во Виена, истражува и предава на тамошниот универзитет. Од 1999 година работи како слободен преведувач од бугарски, македонски и скандинавските јазици на германски.
Разговараме со Зицман за македонската литература во германското говорно подрачје, како и за преводот на театарските претстави.
Како би ја оцениле застапеноста на македонските автори во германското говорно подрачје? Кои се најголемите пречки за нивна поголема видливост и препознатливост кај германските читатели?
– Мислам дека македонската литература е релативно добро застапена во германското говорно подрачје. Оваа недела беше објавена четвртата книга на Лидија Димовска во германски превод („Grenzsituation“, eta Verlag, Berlin), а таа не е единствената авторка чие дело може да се чита на германски; имињата што спонтано ми паѓаат на ум се Никола Маџиров, Румена Бужаровска, Гоце Смилевски, Фросина Пармаковска, Влада Урошевиќ, Петре Андреевски… И не би ги нарекол пречки, бидејќи, секако, секогаш се сака поголема видливост, но не смееме да заборавиме дека ова важи и за другите литератури. Нема сомнеж дека има простор за подобрување, на пример во областа на културната политика, но тоа не е проблем единствено за Македонија. Јас сум оптимист, последните 15–20 години ми покажаа дека постои интерес за македонската литература!
Преведувате од македонски и бугарски на германски јазик. Кои се најголемите предизвици при пренесувањето на јазичните особености, културните контексти..
– Тоа е прашање што често ми го поставуваат – смешно е што само кога станува збор за тие два јазика, а не и за моите преводи од скандинавските јазици. По повеќе од 25 години во оваа професија, сè потешко ми е да одговорам на ова прашање. Од една страна развив стратегии за справување со секакви предизвици; од друга страна сфатив дека разликите всушност не се толку големи. Не е потребно да се споменува дека на германските читатели треба да им се објасни „тавче-гравче“, но кога станува збор за чисто човечки прашања, всушност не сме толку различни. Тоа не нè прави помалку интересни еден за друг – можеби, всушност, токму спротивното.
Колку преводот и мaкедонската книжевност може да влијаат врз начинот на кој германското говорно подрачје ја доживува Македонија? Дали преку литературата успеваме да ја претставиме македонската културна посебност?
– Литературата, особено, е начин (кој, за жал, премногу често се потценува) да ги запознаеме и нашите соседи и луѓето од другата страна на светот. Не секој има можност да патува во странска земја и не секогаш е можно да дојде во директен контакт со луѓе од други култури, но може да ги чита нивните романи и раскази, нивната поезија. И ќе сфатиме дека всушност не сме толку различни; можеме да развиеме емпатија, и одеднаш она што нè дели повеќе не е закана, туку извор на збогатување. Многу се надевам дека луѓето што ги читаат моите преводи ќе станат уште пољубопитни за Македонија и за луѓето што живеат таму.
Во рамките на „Еуродрам“ во Скопје имавте работилница за преводот за театарски претстави. Што ви беше важно да споделите со учесниците и кои техники се клучни за публиката да ја следи претставата без да ги изгуби нејзиниот ритам и емоција? По што се разликува преводот на театарска претстава од класичниот превод на драмски дела?
– Нашата работилница беше наменета за почетници, па ми беше важно првенствено да поттикнам интерес за овој вид превод и да ги покажам прекрасните можности што ги отвора за нас. Титлувањето во театарот овозможува и поставување продукции во театри во странство. Значи, не „патуваат“ само драмските дела туку и цели продукции – режисери, актери, многуте клучни луѓе зад сцената; во кратки црти, цела театарска култура. Се разбира, има уште многу нешта да се кажат на оваа тема (титлување за глуви, за меѓународна публика…), но мојата главна цел беше да ги инспирирам идните преведувачи да ѝ се посветат на оваа вештина и да ги воодушевам за театарскиот превод воопшто.
Постојат две главни разлики помеѓу овие форми на превод. Првата е очигледна: се преведува претстава што веќе била изведена или, поточно, драма што веќе била режирана. Втората е можеби повеќе техничка по природа: секако, публиката може да прими само ограничено количество текст во еден момент, што значи дека текстот мора да се скрати. Важно е да се постигне рамнотежа за публиката да не биде премногу одвлечена од она што се случува на сцената, а сепак да се зачуваат стилот и специфичниот јазик на авторот. Со други зборови: треба да се скрати што е можно помалку, но колку што е потребно.
Што сметате дека македонската драматургија има да му понуди на европскиот театар? Има ли теми што би можеле особено да го привлечат вниманието на германската публика?
– Она што го кажав претходно важи и овде: секој превод, секој културен трансфер е збогатување! Добрите драми, исто како и добрите режисери и добрите актери, секогаш се барани. Во тој поглед, македонскиот театар природно има многу нешта да понуди. Кога, на пример, ќе помислам на продукцијата на „Парови“ од Ана Ристоска-Трпеноска, која ја гледавме на првата вечер од Генералното собрание на „Еуродрам“, лесно можам да замислам дека таа со својот ентузијастичен ансамбл би ја пленела и германската публика. Добро сум свесен дека во европската култура постои одредена хиерархија во однос на престижот, но на крајот квалитетот е најдобриот начин да се освои публиката и во другите земји.
































