Фото: Принтскрин

Воведувањето администрација во Алта банка АД Битола не значи стечај или престанок на нејзиното работење, туку претставува времена супервизорска мерка чија цел е заштита на имотот на банката, стабилноста на финансискиот систем и интересите на штедачите. Ова го истакна вицегувернерот на Народната банка, Игор Величковски, на надзорната расправа во Собранието, посветена на работењето на Алта банка.

Величковски појасни дека ограничувањата за плаќањата и трансакциите на клиентите биле воведени со цел да се спречи неконтролирано одлевање на средствата и да се зачува имотната состојба на банката, а со тоа и да се заштитат штедачите и останатите доверители.

Тој нагласи дека состојбите во банката постојано се следат, а во согласност со процената на ризиците, ограничувањата веќе постепено се олеснуваат. Тоа се прави преку зголемување на износите што граѓаните можат да ги повлекуваат, повторно отворање на експозитурите и активирање на електронското и мобилното банкарство.

– Целта е на клиентите постепено да им се овозможи повторно да ги користат вообичаените начини на располагање со своите парични средства и да ги извршуваат плаќањата, а истовремено да се обезбеди заштита на средствата на сите штедачи и доверители – рече Величковски.

Одговарајќи на прашањата на пратеникот Љупчо Николовски дали Народната банка ги имала предвид одлуката на Европската централна банка и казната изречена во Австрија пред да даде согласност за преземањето на банката, како и дали располагала со информации за трансакциите од околу 390 милиони евра, вицегувернерот рече дека институцијата спроведувала редовни теренски и вонтеренски контроли.

Според него, контролите ги опфаќале и процесите за спречување перење пари, при што биле користени повеќе механизми за проверка на сомнителни трансакции.

Величковски посочи дека приливите и одливите меѓу Алта банка Белград и Алта банка Битола биле анализирани и дека, според направените проверки, не станувало збор за невообичаени трансакции, туку за редовни плаќања поврзани со извоз, увоз на стоки и услуги.

Тој додаде дека ниту интерните системи на банката не регистрирале сомнителни трансакции што би отстапувале од вообичаените плаќања на клиентите.

Во однос на санкциите и сопственичката структура, Величковски истакна дека направениот скрининг не покажал дека субјектот се наоѓа на санкциска листа. Според него, Народната банка во изминатиот период ги спровела потребните постапки за утврдување на идентитетот на правното лице што ја презело Стопанска банка Битола, како и на крајниот сопственик.

Тој додаде дека информациите од јавно достапните извори биле земени предвид при донесувањето на одлуките, а комуникацијата со централните банки на Србија и Црна Гора не открила загриженост во однос на сопственикот.

Во врска со трансакциите во износ од околу 390 милиони евра, Величковски појасни дека такви трансакции меѓу Алта банка Битола и Алта банка Белград не биле реализирани од 1 септември минатата година.

Осврнувајќи се на причините за воведување администрација, тој посочи дека еден од законските услови за преземање на ваква мерка е постоење околности што би можеле сериозно да ја загрозат стабилноста на банката.

– Паричните средства на клиентите се наоѓаат на нивните сметки во банката, не се одземени. Тие и понатаму се евидентирани на истите сметки, но можностите за целосно располагање со нив се ограничени, односно дозволено е делумно располагање – појасни Величковски.

Тој најави дека Народната банка во наредните денови ќе ги разгледува можностите за дополнително олеснување на ограничувањата за правните лица, имајќи ги предвид тешкотиите со кои се соочуваат компаниите што ја користат Алта банка за секојдневното работење.

Во меѓувреме, веќе е донесена одлука компаниите кои во изминатите три месеци редовно исплаќале плати преку оваа банка да можат да ја извршат исплатата на платите за тековниот месец.

За физичките лица, пак, се овозможени повлекувања до вкупно 60.000 денари во период од четири недели. Дополнително, сите идни приливи по основ на плати, пензии, социјални трансфери и други плаќања ќе им бидат достапни во целосен износ.

Величковски информираше и дека повторно се отворени експозитурите во Битола, Тетово и Струмица, како и експозитурата во Скопје, која од денеска им овозможува на клиентите да вршат исплати и други банкарски услуги.

Покрај тоа, по направените интервенции во интерните системи на банката, повторно се ставени во функција електронското и мобилното банкарство, со што клиентите можат да вршат плаќања и да ги користат дигиталните услуги.

Вицегувернерот нагласи дека ограничувањата се од привремен карактер и дека нивниот обем постојано се преиспитува во зависност од развојот на состојбите и процената на ризиците.

– Нашата цел е да го зачуваме имотот на банката, да обезбедиме заштита на штедачите и доверителите, но истовремено да им овозможиме на граѓаните и компаниите да ги користат основните платежни услуги. Секојдневно ја проценуваме состојбата и одлучуваме со каква динамика ќе се олеснуваат ограничувањата – истакна Величковски.