Досегашната истрага за бегството на Ива Михајлова од Кочани не покажала дека таа легално ја напуштила државата преку официјален граничен премин. Според министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, Михајлова не е евидентирана ниту при влез или излез од Македонија, ниту на камерите и безбедносните системи во земјава во критичниот период.
Во интервју за телевизија Сител, Тошковски рече дека првичните информации добиени од бугарската гранична полиција исто така не покажуваат дека Михајлова влегла или излегла од Бугарија во текот на 2026 година.
Тој појасни дека ниту една камера или безбедносен систем со кој располагаат македонските институции не го регистрирал нејзиното движење во периодот од вечерта кога била забележана во локал во Кочани до моментот кога се појавила во бугарските медиуми.
– Досегашниот дел од истрагата потврди дека не само што ја нема во македонските евиденции за влез и излез во текот на 2026 година, туку и првично бугарската гранична полиција ни потврди дека нема евиденција за нејзин влез или излез во текот на оваа година. Ниту на една од камерите, ниту на еден од системите што ги имаме не е детектирана – изјави Тошковски.
Осврнувајќи се на шпекулациите за наводна вмешаност на полициски службеници во нејзиното заминување, министерот рече дека досегашните сознанија не упатуваат на таква можност.
Тој ги отфрли тврдењата дека полициски службеници ја поздравувале или ѝ оддавале почит на Михајлова, оценувајќи дека станува збор за информации што се шират како дел од пропаганда.
Според Тошковски, клучното прашање е како Михајлова ја напуштила земјата, имајќи предвид дека, според досегашната истрага, тоа не го направила преку официјален граничен премин.
Министерот додаде дека засега не се утврдени пропусти или вина кај полициските службеници на граничните премини, ниту кај припадниците на Полициската станица во Кочани. Како што посочи, Михајлова редовно се пријавувала во термините определени со судска одлука сè до моментот на бегството.
– Од она што го имам како информација и од досега спроведената истрага, мислам дека не би можеле да најдеме никаква вина кај ниту еден од полициските службеници, ниту на граничните премини ниту во Полициската станица во Кочани, бидејќи таа до моментот на бегството уредно се пријавувала во термините определени од судот. Повторувам, не ја напуштила легално Македонија, преку граничен премин – рече Тошковски.
Во интервјуто, Тошковски ја критикуваше и Бугарија, оценувајќи дека соседната земја, која е членка на Европската Унија, со години станува заштитник на осомничени и осудени криминалци.
































