„Аудиција“ од Алекандар Галин, во режија на Владимир Милчин, е новата претстава што премиерно беше изведена во саботата, од 20 часот, на сцената од театарот „Војдан Чернодрински“ во Прилеп. Преводот е на Сузана Киранџиска, изборот на музиката на режисерката Ема Маркоска Милин, сценографијата е на Крсте С. Џидров и костимографијата на Марија Пупучевска.
– Горчливата комедија „Аудиција“, напишана во 2000 година, зборува за копнежот по малку подобар живот, кој е можен само подалеку од провинцијата и татковината. Мајсторски напишаната пиеса е со динамичен развој на дејството, полно со пресврти. Битката за подобар живот ги дроби и изобличува ликовите, кои се фрлени да пливаат во казан во кој нема да потонат само оние што ќе се откажат од човечноста – вели режисерот Владимир Милчин.

Во претставата играат Марија С. Илијеска, Даниела Иваноска, Ангела Наумоска, Сара Спиркоска, Јасмина Мицовска Станкоска, Наташа Ачански, Илија Волчески, Александар Тодески, Игор Трпчески, Зоран Иваноски и Михајло Миленкоски.
Авторот на текстот Александар Галин е еден од најпродуктивните, најпознати и најизведувани современи руски драмски автори. Галин важи за следбеник на руската комедиографска традиција започната во царска Русија, со Гогољ и Сухово Кобилин, и продолжена во Сталиновиот СССР, со Мајаковски и Ердман. Драмите на Галин се изведени и во московскиот МХАТ, лондонскиот Кралски шекспировски театар, парискиот „Одеон“ и берлинскиот театар „Шилер“.
Ова е прва премиера на театарот „Војдан Чернодрински“ од годишната програма поддржана од Министерството за култура.

Ка.М.