Хебрејска библија стара 1.100 години, еден од најстарите преживеани библиски ракописи во светот, неодамна беше продадена на аукција во Њујорк за 38 милиони долари.
Кодексот Сасун, со кожени корици, рачно напишан пергамент што содржи речиси целосна хебрејска библија, го купил Алфред Х. Моузес, поранешен амбасадор на САД во Романија.
Моузес го набавил античкиот текст во име на Музејот на еврејскиот народ во Тел Авив, каде што ќе се приклучи на колекцијата, се наведува во соопштението на аукциската куќа „Сотби“.
Ракописот беше изложен во музејот АНУ во март, како дел од светската турнеја пред аукцијата.
Експертката за јудаизам на „Сотби“, Шерон Либерман Минц, рече дека цената од 38 милиони долари, во која е вклучен и надоместокот на аукциската куќа, ги одразува длабоката моќ, влијание и значење на хебрејската библија, која е незаменлив столб на човештвото.
Тоа е една од највисоките цени за ракопис продаден на аукција, во 2021 година редок примерок од американскиот устав беше продаден за 43 милиони долари. Кодексот Лестер на Леонардо да Винчи беше продаден за 31 милион долари во 1994 година, или приближно 60 милиони долари во денешни долари.
Минц рече дека е апсолутно воодушевена од монументалниот резултат и дека кодексот Сасун наскоро ќе се врати во Израел, изложен за да го види светот.
Се верува дека кодексот Сасун е создаден помеѓу 880 и 960 година од нашата ера. Името го добил во 1929 година, кога го купил Дејвид Соломон Сасун, син на ирачки еврејски бизнис-магнат, кој го исполнил својот дом во Лондон со својата колекција еврејски ракописи.