На истиот терен во Кичево, кадетите на Вардар, пак, се закитија со победничкиот трофеј, откако ја совладаа екипата на Шкендија со убедливи 4-1

ФУДБАЛ – МЛАДИНСКИ КУП НА МАКЕДОНИЈА

Со триумфот над екипата на Шкендија со 3-1, младинците на скопски Работнички станаа победници во Купот на Македонија, a според прикажаната игра наполно заслужено се искачија највисоко на пиедесталот.
Во поголемиот дел од мечот, екипата на Работнички имаше теренска иницијатива, а како резултат на добрата игра беа и трите реализирани гола. Двата гола во првото полувреме ги постигна Димитар Данев, додека третиот гол, за убедливи 3-0, е дело на Стефан Ристовски. Почесниот погодок за екипата на Шкендија го постигна Лорик Каба. По студено и ветровито време, околу 200 гледачи го проследија овој натпревар.
Младиот тренер на Работнички, Ѓорѓи Мишевски, беше презадоволен од изданието на својата екипа и остварениот резултат.
– Бевме подобар состав од нашиот противник и наполно заслужено го освоивме Купот на Македонија. Посебно би го истакнал нашето издание во првото полувреме, кога постигнавме и два гола. Овој резултат е уште подрагоцен ако се има предвид дека повеќето играчи во нашиот состав се многу помлади од 18 години и допрва ќе ги потврдат своите вистински вредности – задоволно истакна Мишевски.
Претпладнето на истиот терен во Кичево, кадетите на Вардар, пак, се закитија со победничкиот трофеј во Купот на Македонија, откако ја совладаа екипата на Шкендија со убедливи 4-1. З.А.