Сѐ беше познато дури по изведувањето на пенал-серијата, која ја доби Македонија ЃП со 2-0 против Струга ТЉ, откако во регуларниот дел беше 1-1

ФУДБАЛ – КУП НА МАКЕДОНИЈА

Екипата на Македонија ЃП по третпат во својата клупска историја го освои фудбалскиот Куп на Македонија, совладувајќи го годинашниот шампион на Македонија, Струга ТЉ, но дури по изведувањето на пеналите. Со тоа „лавовите“ станаа првата екипа што го одбрани трофејот, по победите во 2006 година и лани, па сега се трети на вечната листа, со вкупно три трофеи, колку што имаат Силекс и Слога југомагнат.
Во регуларниот дел од натпреварот, кој се одигра на спортскиот комплекс „Петар Милошевски“ при ФФМ во Скопје, беше 1-1. Македонија ЃП поведе преку Филип Мишевски, со гол од пенал во 29. минута, а Струга ТЉ израмни во 79. минута, со погодокот на Фатјон Јусуфи.
Сепак сѐ беше познато дури по изведувањето на пенал-серијата, која ја добија скопјани со 2-0. Струга ТЉ не искористи ниеден од четири пенали што ги изведе (шутираа Фљамур Таири, Марјан Радески, Меџит Незири, Бунјамин Шабани), од кои голманот Христијан Стевковски одбрани два, додека Македонија ЃП погоди двапати (Есмин Личина и Емир Скендери), а Филип Мишевски и Филип Алексовски не реализираа, односно голманот Ведран Ќосевски успеа да одбрани.
Македонија ЃП поради освојувањето на Купот на Македонија, заедно со Шкупи и Шкендија, ќе игра во квалификациите за Конференциската лига, додека Струга ТЉ во квалификациите за ЛШ. „Лавовите“ и лани играа исто така во Европа како победници во домашниот Куп, но сепак не ја минаа првата пречка, загубувајќи го двомечот со ЦСКА од Софија. Г.И.