Фото: Официјален фејсбук профил на Володомир Зеленски

Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, денеска преку конференциска врска се обрати на годишната средба на Парламентарното собрание на НАТО и побара неговата земја да стане членка на Алијансата, објави „Укринформ“.

– Членството на Украина во НАТО би било подобро решение за европската безбедност отколку на Киев да му се дадат безбедносни гаранции, моделирани според клаузулата за заемна одбрана содржана во членот 5 од Северноатлантскиот договор. Зарем не би било поефективно едноставно да се прими Украина во НАТО? Зарем тоа не би било подобро за сите нас, поевтино за спроведување и посигурно во однос на вистинското гарантирање на безбедноста? – праша Зеленски.

Претходно денеска, американскиот специјален пратеник Џаред Кушнер изјави дека претседателот Доналд Трамп е подготвен да поддржи безбедносни гаранции за Украина по примерот на членот 5 од Северноатлантскиот договор, но само доколку тоа им служи на американските интереси.

Зеленски не го одби директно предлогот на Кушнер, но постави неколку прашања.

– Кои земји ќе ја поддржат Украина доколку таа повторно биде нападната? Што точно ќе направат нашите партнери како одговор? Кои трупи ќе бидат однапред распоредени на наша територија? Колку ќе чини сето ова? – праша Зеленски.

Според него, Европа би била побезбедна доколку Украина стане членка на НАТО.

Русија категорично се спротивставува на пристапувањето на Украина во НАТО, како и на обезбедувањето безбедносни гаранции што би вклучувале распоредување западни трупи во Украина.