По речиси две децении пауза, Министерството за внатрешни работи повторно воспоставува континуирани тактички обуки за полициските службеници од редовниот состав, односно за полицајците кои работат во полициските станици низ државата.
Ова го соопшти директорот на Бирото за јавна безбедност (БЈБ) преку објава на Фејсбук, посочувајќи дека целта е подобрување на знаењата, вештините и оперативната подготвеност на полицајците за справување со различни безбедносни предизвици.
Во моментов, втората група од 87 полициски службеници од осумте сектори за внатрешни работи посетува седумдневна интензивна обука за справување со нарушувања на јавниот ред и мир од поголем обем. Обуката ја спроведуваат припадници на Одделот за специјални полициски операции.
– По речиси две децении пауза, повторно воспоставуваме континуиран и системски процес на тактичка едукација и обука на полициските службеници од редовниот состав, односно полицајците од полициските станици низ државата. Со тоа го враќаме фокусот на постојаното унапредување на нивните знаења, вештини и оперативна подготвеност – се наведува во објавата.
Директорот на БЈБ истакнува дека полициските службеници во текот на обуката ги усовршуваат тактиките за постапување во сложени и непредвидливи ситуации, а најавува и проширување на програмата.
– Ова е само почеток. Продолжуваме со обука на сите полициски службеници од редовниот состав, а во следната фаза и со тактички обуки за лишување од слобода во различни оперативни ситуации – посочува директорот.
Паралелно со обуките, како што наведува, МВР инвестира и во современа опрема, модернизација и нови технологии, со цел да се подобри ефикасноста на полициското работење.
– Со спојување на обучен и мотивиран кадар и современи технички средства, градиме мобилна, ефикасна и подготвена полиција на новото време. Нашата цел е јасна – посилни капацитети, повисоки професионални стандарди и полиција подготвена да одговори на секој предизвик – нагласува тој.
Според директорот на БЈБ, континуираната обука е важна не само за професионалниот развој на полициските службеници, туку и за поголема безбедност на граѓаните.
– Безбедноста се гради со знаење, континуирана обука, професионалност и интегритет. Секој полициски службеник е важен и секој мора да биде подготвен. Ова е инвестиција во полицијата, институционалната стабилност и безбедноста на граѓаните. Тие заслужуваат сигурност, а полицијата мора да биде нивен силен и доверлив партнер – порачува директорот на БЈБ.









































