Фото: ЕПА

Лидерот на демократите во Претставничкиот дом на американскиот Конгрес, Хаким Џефрис, изјави дека ставањето крај на „безобѕирната и скапа војна во Иран“ ќе биде еден од приоритетите на новиот состав на Конгресот, во кој демократите од јануари ќе имаат мнозинство.

Во интервју за телевизијата Си-би-ес (CBS), Џефрис рече дека демократите се посветени на спроведување „храбри и значајни промени што ги бара американскиот народ“.

– Постојат неколку работи што планираме да ги направиме уште на почетокот од мандатот на новиот Конгрес. Мораме да ставиме крај на оваа безобѕирна и скапа војна во Иран, која доведе до вртоглав раст на цените на горивата, храната и дизелот. Мораме да се справиме и со царините на Трамп, кои исто така ги зголемија трошоците на обичните Американци за илјадници долари годишно – изјави Џефрис.

Според последните изборни резултати, демократите на изборите на средината од претседателскиот мандат, одржани на 3 ноември, освоија најмалку 258 од вкупно 435 места во Претставничкиот дом. Тоа е нивниот најдобар резултат од 1992 година.

Републиканската партија на претседателот Доналд Трамп досега обезбеди 173 пратенички места, додека конечните резултати сè уште не се прогласени во четири изборни окрузи во Тенеси, Минесота и Луизијана.

Новиот состав на американскиот Конгрес ќе го почне мандатот во јануари.