Преку осум клавирски композиции, композиторот Дамјан Томоски од Струга раскажува приказна блиска на многу Македонци што го напуштиле родниот крај во потрага по подобар живот – приказна за заминувањето, враќањето и домот како попатна станица на едно поголемо патување. Што значи да се вратиш дома откако со години си живеел далеку? Дали враќањето е крај на патувањето или само уште една станица на патот?
Овие прашања се во срцевината на „Arriving“, вториот авторски клавирски албум на македонскиот композитор и пијанист Дамјан Томоски. Како продолжение на „On My Travels“ од 2025 година, новото издание ја заокружува музичката приказна за заминувањето од родниот крај, животот во туѓина и потребата повторно да се почувствува домот. Во време кога многу Македонци и луѓе од Балканот заминуваат во потрага по подобар живот, Томоски преку сопственото искуство зборува за она што останува зад нив – семејството, спомените, местата и чувството на припадност. Но неговата порака не е дека треба да се престане со патувањето. Напротив, враќањето дома понекогаш е неопходно за да можеме повторно да продолжиме понатаму.
– Со години патував од едно место на друго, барајќи нешто што ни самиот не знаев точно како да го опишам. Со текот на времето сфатив дека пристигнувањето не мора да значи крај на патувањето. Понекогаш е доволно да знаеш дека постои место каде што можеш да се вратиш, тоа е домот – вели Томоски.
































