- Роман за идеалите, припадноста и опасната моќ на слепата убеденост
Објавен е романот „Ние сме светлина“ од холандската писателка Херда Блејс, во издание на „Антолог“, во превод на македонски јазик од Ели Пујовска. Впечатлив и необичен дебитантски роман за човечката потреба да припаѓаме, за вербата во големи идеали и за границата меѓу духовното трагање и самоуништувањето.
Приказната на Херда Блејс е инспирирана од вистински настан и се одвива како необична мозаична истрага. Наместо еден сезнаечки раскажувач, романот ни нуди 25 различни гласа – гласовите на членовите на заедницата, нивните родители, соседи, адвокати, но и на ноќта, сомнежот, лебот, мирисот на портокал и дури на самото мртво тело на Елизабет. Токму оваа необична структура ја прави „Ние сме светлина“ толку привлечна. Книгата истовремено е психолошки роман, крими-истражување и приказна со црн хумор за луѓето што сакаат да веруваат во нешто поголемо од себе.
Романот е особено интересен и поради начинот на кој авторката им дозволува на „неживите“ нешта и апстрактните поими да станат раскажувачи. Така, светот на книгата не го сочинуваат само луѓето туку и предметите, мирисите, природата и самата ноќ – како сите тие да се сведоци на една трагедија што никој не може целосно да ја објасни.
Херда Блејс (1985) е холандска писателка. Студирала сликарство и визуелни уметности. Работела и како предавачка и истражувала лингвистички теми. Во 2017 година дебитирала со збирка куси раскази. Следната година објавила книга поезија. Во 2020 година се појавува романот „Ние сме светлина“, кој веднаш го привлекува вниманието на критиката, закитувајќи се со Наградата на холандските издавачки куќи (2021) и со Наградата за литература на Европската Унија, а била номинирана и за престижната награда „Либрис“. Во 2025 година англискиот превод на овој роман бил во потесен избор за Даблинската книжевна награда.
































