По шести пат планинарска тура во чест на „Нова Македонија“
По шести пат по повод 82-годишнината од излегувањето на првиот број на првиот весник на македонски јазик – „Нова Македонија“, во селото Горно Врановци в недела ќе се одржи планинарски марш, кој ќе стартува токму од селото Горно Врановци. Планинарската акција е во организација на Ирена Диков со планинарскиот клуб „Убава“ и со поддршка од Планинарскиот клуб Х2О. Должината на патеката е 21 километар, при што ќе биде совладана надморска височина од 1.560 метри. Од планинарските водичи е предвидено да се пешачи десетина часа. Крајната цел на турата е искачувањето на врвот Кале, на 2.112 метри надморска височина.

– Патеката почнува од Горно Врановци, со почетна точка од 690 метри надморска височина, се тргнува по долината на реката и шумски патеки, постојано качувајќи се низ шума покрај неколку потоци, сè до чешмата на околу 1.380 м.н.в. – место за пауза и полнење вода. На околу 1.750 м.н.в. се излегува на отворени пасишта и по гребенот на Јакупица се стигнува до карпестиот врв Кале (2.112 м.н.в.). Враќањето е планирано да се одвива по истата патека – пишува во описот на патеката.
Симболиката на оваа тура е да се повтори подвигот на партизаните кога на раце ја носеле еден тон тешката печатарска машина „бостонка“, неуморно, не броејќи километри, од Црешово по трнлив пат до Горно Врановци.
Првиот број на „Нова Македонија“ е објавен на 29 октомври 1944 година, во селото Горно Врановци, каде што денес се наоѓа првата печатница, која е претворена во музеј. Весникот имал осум страници и бил испечатен во мал тираж, а бил дистрибуиран до бригади, штабови и многу здруженија.
Дваесет и деветти октомври е неизбришлив датум за „Нова Македонија“, за македонската историја и македонското новинарство. Со овој марш, планинарите не само што ќе ја одбележат годишнината на „Нова Македонија“ туку и ќе му оддадат почит на историскиот подвиг на оние што со пожртвуваност и верба го поставија темелот на македонското печатено слово. С.Ј.
































