Јавохир Синдаров / Гукеш Домараџу

ШАХ

  • Двајцата претенденти уште се во раните дваесетти години, полни со енергија и амбиција, пишува Светската шаховска федерација во пресрет на утрешниот почеток на дуелот во Женева

Мечот за светската шаховска титула е на пат да влезе во историјата како најмладата средба за светската титула во класичен шах, бидејќи двајцата претенденти уште се во раните дваесетти години, полни со енергија и амбиција, пишува Светската шаховска федерација (ФИДЕ), во пресрет на утрешниот почеток на дуелот во Женева (Швајцарија).
Надвор од генерацискиот аспект, натпреварот ги спојува и претставниците на две од водечките шаховски земји во светот. Актуелниот светски шампион Гукеш Домараџу ги следеше стапките на легендарниот индиски шахист Вишванатан Ананд, чии достигнувања и триумфот на светската титула во 2000 година помогнаа да се поттикне шаховскиот бум во земјата. Неговиот предизвикувач Јавохир Синдаров ја претставува извонредната нова генерација узбекистански таленти, негувани во земја каде што шахот ужива силна институционална и владина поддршка, пишува Светската шаховска федерација.
Со само 20 години, Гукеш се подготвува првпат да ја одбрани светската титула. Индиското чудо од дете во многу наврати постави рекорди, етаблирајќи се како еден од најраните таленти во историјата на шахот. Тој стана велемајстор на 12-годишна возраст, освои индивидуални златни медали на шаховските олимпијади во 2022 и 2024 година и стана најмладиот победник на Турнирот на кандидатите во 2024 година. Подоцна таа година тој се соочи со Динг Лирен во натпреварот за светската титула во Сингапур. Во тесна средба Гукеш ја освои титулата со победа во решавачката финална средба. На 18 години тој стана најмладиот светски шампион во класичен шах во историјата, пишува ФИДЕ.
Синдаров е само неколку месеци повозрасен од својот противник, а неговата кариера веќе има неколку пресвртници. Како и Гукеш, и тој стана велемајстор на 12-годишна возраст и исто така го вкуси успехот на шаховските олимпијади. Во април годинава младиот Узбекистанец имаше одлична изведба со која го освои Турнирот на кандидатите, станувајќи првиот играч од својата земја што се квалификувал за натпревар за светската титула во класичен шах.
Мечот ќе се состои од 14 класични партии. Првиот шахист што ќе освои барем 7,5 поени ќе биде крунисан за светски шампион и ќе го освои поголемиот дел од вкупниот награден фонд од 2,5 милиони долари, пишува ФИДЕ. Секоја партија ќе има контрола на времето од 120 минути за првите 40 потези, проследено со 30 минути за остатокот од партијата, со зголемување од 30 секунди од 41. потег. Ако натпреварот заврши нерешено по 14 партии, тајбрејкот во мечеви во забрзан шах ќе го одреди шампионот.
Настаните од мечот за светската титула во Женева почнуваат утре, а првиот дуел е закажан во вторник. Швајцарија има долга традиција од домаќинство на големи настани во циклусот на светските првенства, меѓу најважните се легендарниот турнир на кандидати од 1953 година во Цирих и во Нојхаузен, неколку натпревари на кандидати во текот на 1970-тите и 1980-тите години, меѓузонските турнири во Бил (1976, 1985 и 1993 година) и натпреварот за светската титула во 2004 година помеѓу Владимир Крамник и Петер Леко во Брисаго, пишува ФИДЕ. Н.М.