Фото: Тони Гламчевски

Високите животни трошоци, барањата за повисоки плати и незадоволството од условите во образованието продолжуваат да ги изведуваат младите и работниците на улиците во повеќе европски земји. Во Франција, каде средношколската мобилизација трае повеќе од осум недели, денеска е најавен нов бран демонстрации против скапиот живот.

Во Нанси, префектурата го забрани протестниот марш што синдикатот „Солидер 54“ го најави за денеска во 14 часот, со почеток на плоштадот Карно. Според локалните власти, пријавата била поднесена надвор од законскиот рок, а организаторите не обезбедиле доволни гаранции за безбедно одржување на собирот.

Префектурата наведе дека предвидената редарска служба била недоволна за очекуваните 1.500 учесници. Како дополнителни причини ги посочи ризикот од насилство и поставените објекти за претстојните празнични манифестации во центарот на градот. Забранети се и собири во определен централен периметар од 7 до 23 часот, а на полицијата ѝ е дозволено користење до три дрона со камери.

Незадоволството во Франција опфаќа повеќе групи со различни, но поврзани барања. Средношколците протестираат поради недоволните средства за образованието, пренатрупаните училници и лошите услови во училиштата. Синдикатите и другите учесници во мобилизацијата бараат повисоки плати и пензии и мерки за ограничување на трошоците за домување, храна и енергија.

Продолжените блокади го отежнуваат одвивањето на наставата во дел од француските училишта. „Ле Монд“ на 13 ноември објави дека бројот на погодени училишта се намалил, но дека во некои од нив тензиите се засилиле, предизвикувајќи загриженост кај наставниците, директорите и родителите.

Француските протести се одвиваат паралелно со поширока европска мобилизација. Во петокот, десетици илјади работници и студенти демонстрираа во Италија за повисоки плати и поголеми вложувања во јавните услуги. Младински протести се одржаа и во Германија, Швајцарија и Велика Британија, со барања што ги опфаќаат високите кирии, условите за образование, воените трошоци и климатската криза.

Во пресрет на денешните собири, францускиот министер за внатрешни работи Лоран Нунез побара зголемена претпазливост од префектите и безбедносните служби. Според известувањето на АФП, за обезбедување на мобилизациите низ земјата се предвидени 70.000 полицајци и жандарми.