Фото : Маја Јаневска Илиева

Премиерот Христијан Мицкоски во врска со Алта банка рече дека иако се соочиле со проблем којшто бил увезен, благодарение на мерките на Народна банка и процесите што следеле, ќе се одржи јавна аукција на 30-ти овој месец. Тој, одговарајќи на новинарски прашања, изрази уверување дека целиот процес ќе заврши успешно, а во однос на коментарите на опозицијата во врска со случајот, рече дека „сето она што како шпекулација и невистина го испраќаа во форма на порака изминатиот период, падна во вода“.

– Уште на самиот почеток се соочивме со еден проблем којшто е увезен, односно е последица на случувањата кај нашиот северен сосед. Благодарение на навремените мерки коишто ги презема регулаторот, Народната банка, и процесите коишто потоа следеа, имаме закажана јавна аукција на 30-ти овој месец. Веќе имаме домашен правен субјект, финансиска институција, тоа е „Комерцијална банка“, којашто се пријави и веќе ценовно чувствителната информација е објавена на Македонската берза, којашто сака да ги откупи акциите од оваа банка и да стане сопственик. Така што, да почекаме процесот да заврши за да можеме да коментираме дополнително. Јас сум убеден дека овој процес ќе заврши успешно – рече Мицкоски во изјава за медиуми при посетата на Делчево.

Премиерот посочи дека ако се направи споредба на овој случај со „Еуростандард банка“, имаме ситуација кога тогашен министер за финансии неколку дена пред да колабира „Еуростандард банка“ си го повлече својот депозит и таа банка отиде во стечај.

– Повторно мораме да споредуваме, затоа што ако не споредуваме, нема да знаеме дали сме на добриот или на лошиот пат. Ако го споредиме овој случај со Еуростандард банка, тогаш ќе дојдеме до следниот заклучок: ако го анализирате портфолиото на Еуростандард банка и се вратите, да речеме, во 2016, 2017-та година, ќе видите кои правни субјекти од еден град во југоисточна Македонија се корисници на кредити од таа банка и со кои политичари, сегашни и поранешни од опозицијата, тие правни субјекти се поврзани. Ќе дојдете исто така до еден заклучок дека поранешниот министер за финансии неколку дена пред да колабира Еуростандард банката си го повлече својот депозит. И нормално, таа банка пропадна, отиде во стечај – рече Мицкоски.

Тој истакна дека за разлика од Алта банка и Еуростандард случајот, како што рече, „денеска имаме банка којашто Владата заедно со Народна банка се бореше да ја спаси и најверојатно успеваме да ја спасиме и ќе ја спасиме“.