Европската Унија и неколку други земји ја отфрлија нацрт-финалната декларација од климатскиот самит на Обединетите нации COP31, што се одржува во Анталија, поради тоа што во документот не се споменува постепеното напуштање на фосилните горива.
Ирскиот министер за клима, Дара О’Брајан, потврди дека Европската Унија не може да го прифати предложениот текст, бидејќи во него целосно отсуствуваат одредби за фосилните горива и енергетската транзиција.
„Неприфатливо е да има документ за климатските промени во кој воопшто не се спомнуваат фосилните горива, ниту пак се споменува транзицијата од нив“, изјави О’Брајан, пренесува ДПА.
Несогласувањата околу содржината на декларацијата ги зголемуваат сомнежите дека учесниците на овогодишната климатска конференција ќе успеат да постигнат консензус за заеднички завршен документ со конкретни мерки за справување со глобалното затоплување.
Дел од земјите изразиле незадоволство од предложените верзии на декларацијата, бидејќи во нив не се наведуваат експлицитно плановите за постепено откажување од нафтата, природниот гас и јагленот.
На ова барање се спротивставуваат земјите производители на нафта, што дополнително ги усложнува преговорите и постигнувањето договор меѓу учесниците.
Главниот спор околу финалниот документ останува прашањето дали светските лидери ќе се обврзат на конкретни чекори за намалување на зависноста од фосилните горива.
































