Фото: Пиксабеј

Повеќе од 92 проценти од децата во Турција на возраст од 6 до 17 години користат интернет, додека над 60 проценти од адолесцентите користат генеративна вештачка интелигенција. Но, зголеменото време пред екраните остава последици врз секојдневните навики – речиси половина од децата признаваат дека читаат помалку книги поради дигиталните уреди.

Ова го покажува истражувањето на Турскиот институт за статистика (Туркстат), според кое 92,7 проценти од децата користат интернет, 69,8 проценти се активни на социјалните мрежи, а 68,1 процент играат дигитални игри, пренесе „Хуриет дејли њуз“.

Особено загрижувачки се податоците за влијанието на екраните врз образованието и социјалниот живот. Речиси половина од испитаниците, односно 48,3 проценти, велат дека поради времето поминато пред екраните читаат помалку книги, додека 42,2 проценти поминуваат помалку време во учење.

Дополнително, една третина од децата поминуваат помалку време со семејството, а 26,8 проценти поретко се гледаат и играат лично со своите пријатели.

Вештачката интелигенција сè поприсутна во образованието

Истражувањето покажува дека 63 проценти од децата на возраст од 11 до 17 години користат алатки за генеративна вештачка интелигенција. Најчеста причина е образованието, бидејќи 88,1 процент од нив ја користат оваа технологија за учење.

Интересен е податокот дека меѓу децата кои не користат генеративна вештачка интелигенција, дури 68,9 проценти велат дека не знаат дека постојат вакви алатки.

Сајбер-малтретирањето останува сериозен проблем

Студијата предупредува и на ризиците со кои се соочуваат децата во дигиталниот простор. Дури 10,2 проценти од испитаниците биле жртви на сајбер-малтретирање, 4,6 проценти признале дека учествувале во такво однесување, додека 23,6 проценти биле сведоци на малтретирање на интернет.

Во 73,3 проценти од случаите, сторителите биле пријатели или врсници од реалниот живот. Најчесто малтретирањето се случувало преку апликации за размена на пораки (56,5 проценти), а во 80,3 проценти од случаите станувало збор за навредливи пораки.

Податоците покажуваат и разлики во користењето дигитални игри: тие ги играат 77,4 проценти од момчињата, наспроти 58,2 проценти од девојчињата.

Турција воведе ограничувања за социјалните мрежи за деца

Во обид да ги заштити најмладите во дигиталниот простор, Турција од 1 ноември воведе забрана за користење социјални мрежи за деца помлади од 15 години.

Новите правила предвидуваат проверка на возраста при отворање нови профили, додека за постојните профили платформите треба да ја спроведат верификацијата најдоцна до 31 март 2027 година.