Најмалку три лица загинаа, четворица се повредени, а 39 се водат како исчезнати по големиот пожар што избувна во фабрика за производство на слатки на островот Јава, во Индонезија, пренесе „Ројтерс“.
Пожарот избувнал синоќа, а спасувачките екипи и денеска продолжуваат со интензивната потрага по лицата за кои сè уште нема информации.
Според досегашните информации, 15 лица успеале да се спасат од пожарот. Четворица од нив се здобиле со повреди и биле пренесени во здравствени установи за укажување медицинска помош.
Фабриката е во сопственост на кондиторската компанија „Фонуа Агунг Мулија“ и се наоѓа во округот Серанг, на околу 50 километри од индонезиската престолнина Џакарта.
Претставник на спасувачките служби потврди дека операцијата за пребарување и спасување продолжува, додека се очекуваат дополнителни информации за околностите под кои избувнал пожарот и за судбината на исчезнатите лица.































