„Ниту една повеќе” „Охрид Не МОЛЧИТ” – ова се само дел од пораките кои охриѓани, а и граѓани од други градови, денеска сплотено ги испратија до институциите и јавноста
.Протестот го поддржа и таткото на Сара, кој освен правда, посакува она што тие како родители го доживеале да не се повтори кај ниту едно семејство. Организаторите на протестот одржаа едноминутен молк во чест на сите досегашни жртви на фемицид.
Поворката започна од главниот плоштад, а како што се движеше кон СВР, сѐ повеќе се зголемуваше толпата. Стари, млади, мажи и жени – сите дадоа поддршка со една заедничка цел: да се стави крај на насилството во секаков облик. Протестот заврши пред судот и Јавното обвинителство.
Протестот се одржува една недела по инцидентот што ја вознемири јавноста, во кој охриѓанката Сара Ѓорѓиеска беше крвнички претепана од нејзиниот дечко, 31-годишниот Кристијан Корабоски, и фрлена од автомобил на улица.
Корабоски е во 30-дневен притвор и ќе се гони за три кривични дела: Телесна повреда, Противправно лишување од слобода и Загрозување на сигурноста. Судењето започнува на 27 ноември во Охрид.


































