Фото: Пиксабеј

Осум лица биле лишени од слобода во текот на вчерашниот ден и рано утрово во повеќе градови низ државата по пријави за семејно насилство, физички напади, закани, агресивно однесување и непочитување судски мерки за заштита. Министерството за внатрешни работи информира дека во врска со случаите се преземаат мерки, а по нивното документирање ќе следуваат соодветни пријави.

Во Кочани, утрово во 2.30 часот бил приведен 40-годишниот К.А., откако било пријавено дека во домот на роднини на неговата сопруга физички ги нападнал своите малолетни деца и други членови на семејството. За случајот е известен јавен обвинител.

Во Тетово, полицијата го лишила од слобода 49-годишниот Ј.М. од Балин Дол, по пријава од неговата 38-годишна сопруга дека ја следел и ѝ се заканувал. Според пријавата, тој дошол во салонот каде што таа работи, по што настанала расправија и ѝ се заканил дека ќе ѝ ги одземе двете малолетни деца. Известени се јавен обвинител и Центарот за социјална работа.

Во Кичево, 56-годишен маж бил приведен поради непочитување судско решение со кое му биле изречени привремени мерки за заштита од семејно насилство кон неговата 49-годишна сопруга.

Во Македонска Каменица, 34-годишниот Г.Г. бил лишен од слобода по пријава дека ѝ се заканувал и физички ја нападнал својата 23-годишна сопруга.

Во Гостивар, полицијата го привела 32-годишниот М.Е. откако неговата 28-годишна сопруга пријавила дека ѝ се заканувал по телефон додека таа била со нивните две малолетни деца во Медицинскиот центар.

Двајца мажи биле приведени и во Куманово, во одделни случаи. Едниот, 26-годишниот М.М., бил пријавен за агресивно однесување кон својата мајка, додека 38-годишниот Б.С. бил приведен по пријава дека физички ја нападнал поранешната сопруга.

Во Струмица, 36-годишниот Д.К. бил лишен од слобода по пријава за агресивно однесување кон 52-годишна жена пред нејзиниот семеен дом. При алкотестирањето му биле измерени 2,58 промили алкохол во крвта. Тој бил задржан во полициска станица.

Дополнително, во Полициската станица Чаир бил извршен службен разговор со 44-годишниот Е.Б. од Скопје, по пријава дека физички ја нападнал својата 39-годишна партнерка.

МВР информира и за две кривични пријави поврзани со семејно насилство.

Одделението за внатрешни работи Кочани поднело кривична пријава против 67-годишниот Ј.Д. поради сомнение за „загрозување на сигурноста“. Според пријавата, на 3 ноември во семејната куќа тој се однесувал агресивно кон сопругата и ѝ упатувал закани.

Кривична пријава поднела и Надворешната канцеларија за криминалистички работи Делчево против 45-годишниот А.Л. од делчевско село, поради сомнение за „телесна повреда“ и „загрозување на сигурноста“.

Според полицијата, на 7 ноември тој го навредувал своето 13-годишно дете во семејниот дом, а следниот ден се обидел да го нападне со стаклен предмет, по што дошло до физичка пресметка меѓу нив.

Од МВР посочуваат дека по целосно документирање на сите случаи ќе бидат преземени соодветни законски мерки.