Придобивките од системот „One Stop“ веќе се забележуваат, а истиот ефект се очекува и на граничниот премин Ќафасан, истакна министерот за внатрешни работи Панче Тошковски по денешното промовирање на заедничките гранични контроли меѓу Македонија и Албанија.
Тошковски информираше дека со воведувањето на овој систем на Ќафасан се заокружува процесот на воспоставување заеднички гранични контроли со соседните држави надвор од Шенген-зоната, по претходната имплементација со Србија и Косово, пренесе МИА.
Како пример за придобивките од системот, министерот го посочи граничниот премин Табановце, каде што, според него, времето на чекање во одредени периоди е намалено од неколку часа на околу 30 минути, и покрај зголемувањето на патничкиот сообраќај за 15 до 20 проценти.
– На ГП ‘Ќафасан’ очекуваме побрз проток на патници и возила, помалку непотребни задржувања, поедноставени процедури и подобра координација меѓу граничните служби – наведе Тошковски во објава на Фејсбук.
Тој посочи дека целта е граѓаните да поминуваат помалку време на границите, без притоа да се намали ефикасноста и безбедноста на контролите.
Новиот систем овозможува граничните проверки да се спроведуваат координирано на едно место, со што се избегнува повторување на процедурите и се создаваат услови за побрзо преминување на границата.
Ова, според Тошковски, е особено важно за граѓаните на двете држави, туристите и превозниците, имајќи го предвид интензивниот сообраќај на Ќафасан, особено во летната туристичка сезона.
Покрај олеснувањето на патувањето, системот треба да придонесе и за подобра координација меѓу граничните служби, поефикасна размена на информации и зајакнување на прекуграничната соработка.
Министерот најави дека МВР ќе продолжи со модернизација на граничните премини, дигитализација на процедурите и унапредување на соработката со соседните држави, со цел побрз проток на патници и стоки и повисоко ниво на безбедност.
– Секое скратено чекање значи повеќе време за граѓаните, полесно патување и подобри услови за туризмот и економијата – порача Тошковски.































