„Тоа се наши деца!“, изјави Милаим Фејзиу пред камерите на медиумите кога започна пукањето на Тетовско кале за време на митингот на 14 март 2001 година.
Четврт век подоцна, Фејзиу веќе не е меѓу нас, но неговата легендарна, или озлогласена, реченица и натаму предизвикува бранувања во македонската јавност. Тука нема да се занимавам со значењето на неговата изјава, ниту со актуелните и најчесто површни дебати околу неговиот „лик и дело“. Наместо тоа, ќе се обидам да одговорам на едно многу понепријатно прашање: како овој човек воопшто дојде до точка да каже такво нешто?
Кој, всушност, беше Милаим Фејзиу? Националист, дисидент, интелектуалец, активист за човекови права, универзитетски професор, основач на Тетовскиот универзитет или, пак, типичен пример на политички опортунист, кој по своето исфрлување од врвовите на политиката никогаш повторно не успеал да фати приклучок, па со текот на времето се радикализирал? Или неговата животна приказна крие многу поболни вистини со кои Македонија и денес одбива да се соочи?
Животописот на Милаим Фејзиу не е приказна за еден човек. Тој е историски паметник на една епоха исполнета со интеграции и исклучувања, надежи и разочарувања, отворени врати и затворени хоризонти.
Неговиот „живот и приклученија“ отвора прашање што и денес останува без целосен одговор: како Македонија со децении создаваше, и сè уште создава, луѓе подготвени да се интегрираат во системот, за потоа повторно и упорно да ги оттурнува од себе? И дали токму во оваа неспособност на државата да ги задржи своите интеграционисти лежи објаснувањето зошто толку често добиваше разочарани граѓани, а пречесто и радикали?
Приказната за Фејзиу е типичен пример за Албанец со граѓански светоглед роден во Титова Југославија. „Одмрзнувањето“ на Хрушчов овозможува повторно зближување помеѓу СФРЈ и СССР, но предизвика и раскин помеѓу режимот на Енвер Хоџа и Москва. Веројатно непогрешливиот политички инстинкт на Јосип Броз Тито тогаш го носи до заклучок дека Енвер Хоџа неповратно заталкал во беспаќето на историјата, па заклучува дека е потребно да се напушти политиката на цврста рака кон Албанците како потенцијално непријателски настроено малцинство и петта колона при напад од Варшавскиот пакт врз Југославија.
Приказната за Фејзиу е типичен пример за Албанец со граѓански светоглед израснат во Титова Југославија. По разидувањето меѓу СССР и Енвер Хоџа за време на „Одмрзнувањето“ и десталиницацијата на Хрушчов, белградското раководство постепено ја напушта дотогашната политика кон Албанците како потенцијално непријателски елемент и можна петта колона во случај на конфликт со источниот блок. Инаку, во претходниот период уште полоша е политиката на Албанија кон нејзините југословенски малцинства, како и на Бугарија и на Романија. За Тито, промената на политиката ќе значи и отворање кон национална еманципација и на Албанците во Косово, Македонија, Црна Гора и во Србија, како политика за нивна интеграција во Југославија.
Денес современата историографија на албански јазик на Балканот доминантно ја претставува Југославија како некаква „темница на народите“ и посебно како жесток душман на Албанците. Националните митологии, меѓутоа, се само патетична и многу лоша книжевност, но никако и добра историографија. Но историјата на секојдневното живеење нуди многу посложена слика. Токму во тие децении настана невиден културен, економски и политички подем на Албанците во Косово, Македонија, Црна Гора и во јужна Србија. Во тој период се отвораат универзитетите, се создаваат нови интелектуални, професионални и бизнис-елити, па се вградува во системот една генерација што ја гледа својата лична иднина во рамките на југословенскиот проект.
Милаим Фејзиу беше типичен претставник на таа генерација. Тој не влегува во политиката како дисидент, националист или револуционер. Напротив, како и многу други припадници на тогашната албанска интелигенција, тој го започна својот долг пат низ институциите, како и подемот до врвот на политиката низ единствената дозволена политичка организација, Сојузот на комунистите. Нормално, за секоја личност со политички амбиции во Титова Југославија тогаш не постои алтернативна политичка врвица.
Тука доаѓаме до уште една непријатна вистина што современата македонска историографија сè уште тешко ја прифаќа, ја објаснува и ја обработува. Иако СФРЈ формално беше федерација на рамноправни народи и народности, републичките организации на Сојузот на комунистите постепено развиваа сопствени политички (олигархиски) и национални агенди. Во македонскиот случај од самиот свој почеток, СКМ никогаш и не беше само комунистичка партија. Сојузот на комунистите на Македонија беше клучниот инструмент за изградба на македонската национална држава во рамките на Југославија, независно дали на нејзино чело се наоѓа Лазар Колишевски или Крсте Црвенковски. Токму затоа македонскиот национализам не се развиваше наспроти СКМ, туку во голема мера и низ самата СКМ. Македонските комунисти беа најжестоката брана против секаков југословенски унитаризам што ја загрозува сувереноста на македонскиот идентитет и на македонската посебност.
За жал, македонскиот национализам во СКМ одеше и далеку понатаму од тоа што би било прифатено во другите републики. Формално, партијата гласно се залагаше за политиката на „братство и единство“, но гласањето зад параванот укажуваше на поинакви тенденции. Највидливо тоа избиваше при изборите на членовите на Централниот комитет. Речиси без исклучок, кандидатите од албанската и од турската заедница на конгресите добиваа значително помала поддршка од кандидатите Македонци и најчесто не успеваа да бидат директно избрани. Потоа, истите тие луѓе најчесто беа кооптирани по предлог на новото раководство во името на националната рамнотежа. Формално проблемот беше решен. Политички, пак, пораката беше сосема јасна.
Но тука лежи и парадоксот на југословенскиот систем. И покрај ваквите ограничувања, самиот авторитет на Јосип Броз Тито, федералната структура на државата и идеологијата на братството и единството поставуваа цврсти граници. Тие не дозволуваа етничкиот национализам целосно да ја преземе политиката, ниту пак отвораа простор за систематско исклучување на Албанците и на Турците од јавниот живот. Ширината, пак, на југословенскиот простор даваше шанса за најамбициозните да ги надминат ситните игри на републичките олигархии и да се вивнат во врвот на уметноста, културата, образованието, бизнисот, професиите. Единствено во политиката републичките сојузи на комунисти ќе останат вечен филтер што на крајот и ќе ги предизвика кризата на системот и неговиот трагичен колапс.
Токму затоа периодот од средината на шеесеттите до почетокот на осумдесеттите години останува време на најголема вертикална мобилност за Албанците во Македонија и во Југославија. Просторот што им беше отворен, тие го искористија максимално. Во него се создаде генерацијата на Милаим Фејзиу. Токму тука лежи првиот голем парадокс на приказната за Милаим Фејзиу. Човекот што во 2001 година ќе стане симбол на албанското разочарување не беше производ на грешка што се појавила на маргините на системот. Тој беше производ на најголем успех на Титова Југославија.
Милаим Фејзиу првично ќе ги преживее премрежињата на југословенските осумдесетти години. Интересно е што денес овој период најчесто се толкува низ призмата на подемот на Слободан Милошевиќ. Во новите историографски наративи, тој стана универзално објаснување за речиси сè што се случувало во последната деценија од постоењето на Југославија. Но таквото толкување има една сериозна слабост. Додека Милошевиќ во првата половина на осумдесеттите уште го градеше својот пат од банкарството кон високата политика, Југославија веќе беше тргнала во поинаква насока. Борбата против тоа што тогаш се нарекуваше „албански национализам, сепаратизам и иредентизам“ започна веднаш по демонстрациите од 1981 година. Тука сум должен да споменам и за уште една интересна историска неправда. Во современата албанска историографија, Александар Ранковиќ останува речиси митски симбол на репресијата, унитаризмот и „старото време“ на цврстата рака. Наспроти тоа, многу поретко се зборува за улогата на Стане Доланц, човекот што беше еден од главните архитекти на југословенската политика на „борба против контрареволуцијата“ по 1981 година. Па така, Србинот Ранковиќ стана само еден во низата антиалбански настроени „великосрби“, во распон од Гарашанин, до Коштуница и Вучиќ, додека Словенецот е речиси сосема заборавен иако токму од него дојде првиот тежок удар кон албанската интелигенција и политичка елита во Југославија. Тоа само покажува колку националните наративи често избираат погодни симболи, макар и целосно промашени.
За Фејзиу и за неговата генерација многу поважно беше нешто друго. По 1981 година, државата бараше виновници за состојбите во Косово по демонстрациите, но наместо да се фокусира на структурните проблеми, Југославија постепено почна да гледа со сомнеж токму кон оние кругови што претходно успешно ги интегрираше. Механизмот беше едноставен. Во шеесеттите и седумдесеттите години системот создаваше албански интелектуалци, професори, директори, функционери и политички кадри. Во осумдесеттите години, истиот тој систем започна токму нив да ги сомничи за ситуацијата во Косово, што израсна во најакутна точка на југословенската криза по смртта на Тито.
И токму тука започнува приказната за диференцијацијата. А со неа и приказната за првото големо разочарување на генерацијата на Милаим Фејзиу.
Диференцијацијата останува едно од најголемите слепи места на македонската современа историја. Кај Македонците тоа е и донекаде разбирливо затоа што тие не беа тогаш на удар, но изненадува и молкот кај нашата домашна историографија што се пишува на албански јазик за овој процес што значително ги влоши меѓуетничките односи. Во политиката често се измислуваат зборови или кованици за да се затскрие грдата реалност. Диференцијата, всушност, е политички исправен израз за „чистка“ од 1980-тите. Зад овој бирократски интернационализам стои процесот со кој државата започна да го мери степенот на политичка исправност на сопствените граѓани, а особено на албанската интелигенција. Не беше доволно да се биде член на Сојузот на комунистите, професор, директор, новинар или функционер. Сега требаше повторно и повторно и јавно да се докажува сопствената лојалност. Во таа атмосфера, сомнежот постепено почна да станува поважен од довербата. Диференцијата значеше отстранување на сите политичари што не се наоѓаат на зацртаната партиска линија. Во овој случај тоа беше „борбата против великоалбанскиот национализам, иредентизам и сепаратизам“. Како по обичај, без разлика дали станува збор за демократски или за недемократски режим, штом се појде во пресметка таа мошне брзо се претвора во лов на вештерки. За југословенската држава беше мошне лесно да се пресмета со „енверистите“ затоа што тие и онака беа непријателско малцинство што најмногу го загрозуваше мирниот живот на Албанците во Југославија. Но во услови на сеопшта економска и системска криза, диференцијацијата се претвори и во пресметка со интегрираните Албанци. Колку поуспешна стануваше интеграцијата, толку поголем стануваше стравот дека интегрираните Албанци би можеле да побараат повеќе од симболична рамноправност, а суштинска рамноправност ќе значеше и удел и поделба на политичката моќ, односно вистинска вклученост. Милаим Фејзиу тогаш е во врвовите на Сојузот на комунистите на Македонија и на општинско и на републичко ниво, но избира да молчи кога тргнува главниот удар на диференцијацијата. Нормално, тој не е единствениот што молчи од Албанците во политичкиот врв. Притоа, тука сум должен да напоменам дека генерацијата на Фејзиу изгради Албанци што станаа култни југословенски икони, како глумецот Беким Фехмиу, како фудбалерот Фадиљ Вокри, оперската пејачка Неџмије Пагаруша, писателот и југословенски амбасадор Луан Старова, борачот Шабан Трстена, па тогаш израсна и контроверзниот југословенски, а подоцна косовски бизнисмен Беџет Пацоли. Овие икони на културата, спортот, инженерството, науката и бизнисот веќе не можеа да бидат диференцирани, но политиката се претвори во рововска битка помеѓу републичките комунистички олигархии и таму важеа поинакви правила. Диференцијацијата не почна во момент кога југословенскиот проект не успеа со Албанците. Диференцијацијата започна токму во моментот кога интеграцијата почна да дава резултати.
Животниот кошмар за Милаим Фејзиу ќе започне со контроверзниот погреб во Равен. Иако денес изгледа речиси апсурдно, безбедносните служби на тогашна Социјалистичка Република Македонија за време на погребот на лице обвинето за „великоалбански национализам, сепаратизам и иредентизам“ педантно ќе прибележуваат кој бил присутен. Еден од тие луѓе бил и Милаим Фејзиу. Неговиот „грев“ бил присуството на погребот на близок човек. Во политичката атмосфера на осумдесеттите години, тоа било доволно за да биде протолкувано како симпатија кон контрареволуцијата. Наскоро, на состанок на врвното раководство на Сојузот на комунистите на Македонија, Фејзиу ќе биде разрешен од сите функции, ќе биде исклучен од партијата и ќе биде отстранет од работното место. Практично прекуноќ ќе помине пат од самиот врв на тогашната македонска политика до работ на егзистенцијата, и за себе и за своето семејство. Џабе било неговото објаснување дека се работело за семејна и човечка обврска. Џабе биле личните врски со починатиот. Во логиката на диференцијацијата, присуството на погреб не било чин на почит кон мртов човек, туку доказ во политичка дејност. Ова е инаку периодот и кога малолетници одат во поправен дом и им се отвора досие затоа што цртале орли на учебниците, кога државната безбедност бележи кои песни се пеат во кафеаните и со каков ентузијазам, кога свадби се растураат затоа што било развеано и знамето на албанската народност во Македонија, што инаку е сосема легално според тогашното законодавство.
Првично, Фејзиу останува приврзаник на системот. И покрај јавното понижување, губењето на функциите и егзистенцијалниот удар, Фејзиу не тргнува по патот на отворено спротивставување на системот. Како и многу други припадници на неговата генерација, тој сè уште верува дека неправдата е привремена, а не трајна состојба. Токму затоа неговото вистинско разочарување не започнува во Равен. Равен е само почеток.
Слично како и „либералите“ од 1970-тите и Фејзиу избира дејност на тивок дисидент, со таа разлика што мора да ја обезбеди и личната егзистенција. За време на виорот на политичките промени од 1989 и 1990 година, тој нема да стане дел од новото албанско политичко движење. Образложението за него, но и за многумина други од високата политика, е неговиот молк за време на диференцијациите. Покрај тоа не треба да се заборави и дека преку ПДП дојде до промена на политичките генерации кај Албанците во Македонија, па новото време и новосоздадениот демократски легитимитет си бара и нови ентитети, нови симболи и нови лица.
Така, во новата политичка архитектура нема место не само за Милаим Фејзиу туку ниту за многу поголеми политички фигури од југословенскиот период. Карактеристично е што слична судбина ќе доживее и многу повлијателниот Хисен Рамадани. Луѓето што учествувале во изградбата на албанската политичка елита во Македонија, па и во Југославија, одеднаш се наоѓаат во чудна позиција: тие се премногу комунисти за новите национални движења, а истовремено се и премногу Албанци за старите системски комунистички структури од каде што доаѓаат и кои сега се во потрага по нов граѓански и социјалдемократски идентитет.
Во таа состојба на политичка бездомност се наоѓа и Милаим Фејзиу. И токму таму започнува следното поглавје од неговата животна приказна.
Фејзиу ќе ја продолжи својата општествена дејност низ Форумот за човекови права од Тетово, а подоцна ќе стане еден од најпрепознатливите ликови при изградбата на Тетовскиот универзитет, како претседавач на неговиот сенат и своевиден втор човек зад ректорот Фадиљ Сулејмани.
Овој детаљ е важен поради една причина. Врвицата на Фејзиу не се вклопува во кафеанската приказна за постепена и неизбежна радикализација на секој Албанец. По падот од политиката, по диференцијацијата, по јавното понижување и егзистенцијалниот удар, Фејзиу не избира пат на национална конфронтација. Напротив, повторно се обидува да дејствува преку институции. Но овој пат фокусот повеќе не е државата, туку граѓанските права, образованието и културната еманципација на Албанците во Македонија.
Токму затоа приказната за Тетовскиот универзитет е толку значајна. За многу Македонци тој претставуваше пред сè политички проблем, доказ за радикализација на Албанците и „надуван“ или „издуван балон“ како што кажа тогашниот министер за внатрешните работи. Но за најголемиот дел од Албанците, Тетовскиот универзитет беше симбол за достоинство, рамноправност и општествен напредок. Ако за македонската интелигенција по 1944 година Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ претставуваше темел на националната еманципација, тогаш за голем дел од албанската интелигенција во деведесеттите години Тетовскиот универзитет имаше слично значење. Милаим Фејзиу, човекот што подоцна ќе стане препознатлив по реченицата „Тоа се наши деца“ во текот на деведесеттите години, не ја бараше иднината во оружје, туку во универзитет, не во сепаратизам, туку во создавање институции.
Во меѓувреме, Македонија остануваше заглавена во сопствените транзициски проблеми. Приватизацијата создаваше нови победници и многу повеќе губитници. Невработеноста растеше. Државата беше окупирана со спорот за името, санкциите кон Србија, косовската криза и со сопственото кревко опстојување. Во такви услови, малкумина имаа волја да размислуваат како навистина да се реши албанското прашање.
Косовската војна само дополнително ја промени атмосферата. Токму во таквата атмосфера, Македонија влезе во 2001 година. И токму во таквата атмосфера, во неа влезе и Милаим Фејзиу.
Во тој момент зад него веќе не стоеше биографија на националистички револуционер. Зад него стоеше животна приказна на човек што се обидел да напредува низ системот, што бил казнет од истиот тој систем, што потоа се обидел да дејствува преку граѓанскиот сектор, со борба за човековите права, а потоа и преку образованието. Притоа Македонија никогаш не му се извини за диференцијацијата, а не стори ни обид повторно да му даде улога во новиот систем.
„Тоа се наши деца“, реченицата искажана на 14 март 2001 година, не беше реченица на човек што штотуку се радикализирал, туку реченица на човек што четириесет години се обидувал да се интегрира во тековите на сопствената држава, за на крајот да остане трајно разочаран во резултатите од својата општествена дејност. Веројатно тоа беше негов крик дека институционалните патишта за решавање на албанското прашање веќе се затворени. Во таква атмосфера, дел од поранешните интеграционисти почнаа да бараат решенија што претходно би им изгледале незамисливи.
Токму тука треба да се разбере и подоцнежното приближување на Милаим Фејзиу кон движењето за Илирида на Невзат Халили. За неговите критичари, тоа беше конечен доказ дека целиот негов претходен ангажман бил само маска за прикриен национализам. Ако биографијата на Фејзиу се читаше наназад, можеби и би можело да се дојде до таков заклучок. Но ако се чита по редоследот по кој навистина се одвивала, тогаш се добива поинаква слика. Тоа е животен пат што започнува во Сојузот на комунистите, продолжува низ човековите права и завршува кај Тетовскиот универзитет. Дури по сите тие неуспешни обиди доаѓа Илирида. Не како почетна позиција, туку како израз на длабоко разочарување дека системот е подготвен да понуди вистинска рамноправност.
Токму затоа и Илирида треба да се чита повеќе како симптом отколку како причина. Не како почеток на разочарувањето, туку како негов резултат.
Милаим Фејзиу не е важен затоа што ја изговорил реченицата: „Тоа се наши деца“. Важен е затоа што пред да ја изговори поминал повеќе од четири децении обидувајќи се да биде нешто сосема друго. Токму затоа неговата биографија е толку непријатна за сите едноставни толкувања на македонско-албанските односи. Таа покажува дека радикализацијата ретко започнува на маргините. Понекогаш започнува во самиот центар на системот, тогаш кога системот ќе престане да знае што да прави со луѓето што самиот ги создал. Во таа смисла, Милаим Фејзиу е историски паметник на една генерација што најпрво беше охрабрувана да се интегрира, потоа беше сомничена, и на крајот оттурната. Генерација што веруваше во Југославија, потоа во демократијата и човековите права, веруваше во моќта на образованието, за на крајот да остане длабоко разочарана од резултатите на сопствената општествена дејност.
Со оваа колумна немам намера да ја оправдам неговата политичка дејност, ниту да ја поддржам или легитимирам, туку сакам да предупредам. Ако не го разбереме патот што водеше до реченицата: „Тоа се наши деца“, тогаш нема да ја разбереме ниту Македонија што го создаде амбиентот за таа изјава воопшто да биде изречена. А ако не ја разбереме, не ја разградиме и не ја промениме Македонија, тогаш ризикуваме и понатаму да произведуваме нови разочарани интеграционисти, за потоа повторно да се чудиме кога од нивните редови ќе произлезат радикали со кои навистина нема разбирање.
Но муабетот за сите промашени точки за интеграција ќе следува по некој месец… Во следната колумна ќе се навратиме на Призренскиот договор, по ова кусо историско навраќање на една лична и човечка приказна.































