Американскиот специјален пратеник Џаред Кушнер денеска изјави дека претседателот Доналд Трамп е подготвен да поддржи безбедносни гаранции за Украина по примерот на членот 5 од НАТО, но само доколку тоа им служи на американските интереси.
– Подготвеноста на претседателот Трамп да разгледа безбедносни гаранции за Украина, во духот на членот 5, е од стратешко значење за постигнување траен мир. Подготвеноста на Русија да разговара за такви гаранции претставува голем чекор напред и потенцијален знак дека намерата на Русија за постигнување мир е сериозна. Веродостојни гаранции, слични на оние од членот 5, поткрепени со мерки за одвраќање и договори за избегнување конфликти, би можеле значително да го намалат ризикот од нова војна – наведе Кушнер на платформата Икс.
Тој додаде дека украинскиот претседател Володимир Зеленски „е во право дека таквите гаранции треба да бидат конкретни, сигурни и јасно дефинирани“.
– Ова се едни од најзначајните обврски што САД можат да ги преземат и тие бараат внимателно разгледување. Доналд Трамп би требало да ја одобри секоја од предложените гаранции, а тие би подлежеле на уставни и парламентарни процедури. Тој би презел таков чекор само доколку е уверен дека тоа неспорно им служи на американските национални интереси и дека пошироките безбедносни аранжмани ја прават повредата на овие гаранции малку веројатна – посочи Кушнер.
Тој додаде дека „клучните обврски преземени од страна на Америка и Европа мора да бидат усогласени со сопствената заложба на Украина за нејзиниот просперитет“.
































