- Централна инвестиција од повеќе од 100 милиони долари од 2028 година го опфаќа фондот за бонуси на АТП од 50 милиони долари, бонус од 25 милиони долари за ранг-листата на крајот на годината и 26 милиони долари за пензии на играчите, пишува АП
Асоцијацијата на тениските професионалци (АТП) го претстави новиот план за компензација на играчите, за кој се предвидува дека ќе надмине 350 милиони долари, почнувајќи од 2028 година, и ќе обезбеди подобри приходи за до 250 тенисери, пишува агенцијата „Асошиејтед прес“ (АП).
Според планот „Една визија“ на претседателот на Асоцијацијата на тениските професионалци, Андреа Гауденци, се предвидува дека првите 100 тенисери со најголема заработка ќе заработат најмалку 1,1 милион долари од 2028 година (зголемување од 39 отсто во однос на 2025 година), првите 175 најмалку 450.000 долари (зголемување од 47 проценти) и првите 250 тенисери најмалку 250.000 долари (зголемување од 67 насто), пишува АП. Централна инвестиција од повеќе од 100 милиони долари од 2028 година го опфаќа фондот за бонуси на Асоцијацијата на тениските професионалци од 50 милиони долари, бонус од 25 милиони долари за ранг-листата на крајот на годината и 26 милиони долари за пензии на тенисерите.
Заедно со наградните фондови на турнирите и споделувањето на профитот од турнирите, вкупниот износ ќе биде повеќе од 350 милиони долари во вкупна компензација на играчите низ АТП. Кога ќе се вклучат наградите од гранслем-турнирите, се предвидува вкупниот износ да се зголеми на повеќе од половина милијарда долари, пишува АП.
– Трошоците за натпреварување на највисоко ниво се значајни и сакаме повеќе играчи да имаат финансиска поддршка и сигурност да инвестираат во своите тимови, нивната подготовка и на крајот во нивните кариери – рече Гауденци.
Годишниот фонд за бонуси на АТП ќе порасне на 50 милиони долари, повеќе од двојно во однос на сегашните 21,5 милион долари. Плаќањата ќе одат кај играчите рангирани меѓу првите 30 на секој задолжителен мастерс-турнир од серијата 1.000, при што играчот број 1 ќе има право на два милиони долари по турнир. Сегашниот минимум од пет турнири ќе биде отстранет, па играчите ќе заработуваат од првиот задолжителен турнир мастерс 1.000 на кој ќе настапат, пишува „Асошиејтед прес“. Н.М.
































