Репортажа
Полска е една од најповолните дестинации во Европа за посета, која, според туристичките списанија и портали, нуди врвни туристички искуства. Не само поради тоа што има бајковити предели и богата историја туку и поради организираноста, но и неверојатната понуда на различности низ нејзината територија. Живописни градови, недопрена природа, монументални дворци, шармантни предели – ете тоа го нуди Полска, која последните години со брзи чекори се развива и станува одлична дестинација не само за посета туку и за живеење, бидејќи стандардот е на повисоко ниво во однос на други европски држави. И навистина се уверив во тоа, како туристички придружник, при мојата речиси петдневна посета и прошетка низ неколку полски шармантни града, како Вроцлав, Варшава, Гдањск и Краков, со кој имав повторна средба.
Вроцлав – „Венеција на Полска“
Прв на листата за прошетка е Вроцлав, град сместен покрај реката Одра. Има дури 12 мали островчиња, кои се поврзани со мостови, па затоа го викаат „Венеција на Полска“. Првичниот впечаток е одличен. Тоа е чист и уреден град, со пастелни згради, поплочени улици, градски мостови и импозантни цркви. Многу е впечатлив и погоден за фотографирање, особено поради малите бронзени фигури – џуџиња, кои се симбол на градот.
Срцето на градот е градскиот плоштад „Ринек“, опкружен со извонредни шарени историски куќи и импресивната градска куќа „Ратхуз“, во која работи еден од најстарите ресторани. Вистинска атракција во Вроцлав се красналките (бронзени џуџиња високи 30 см, но има и повисоки). Ги има некаде над 1.000 и задоволство е да се откриваат и да се фотографираат, шетајќи низ градот. Готската црква „Св. Елизабета“ од 14 век е импресивно здание високо околу 90 метри, од која има прекрасен поглед на градот. Островот Тимски е најстариот дел од Вроцлав, во чија средина се наоѓа величествената катедрала „Св. Јован Крстител“. Тоа е преубаво уреден простор во чија близина тече реката, а оттука има фантастичен поглед на другата страна. Вроцлав ќе ве воодушеви и со многубројните паркови, градини, уникатниот модерен музеј „Хидрополис“, посветен на водата, и со најстариот океанариум посветен на африканската фауна.
Варшава – плени со новите градби
Следното утро се упативме кон Варшава. Има голем број историски и културни знаменитости во стариот дел, од кои речиси повеќето се реконструирани, бидејќи Варшава била уништена во Втората светска војна. Сега е под заштита на УНЕСКО. На плоштадот „Замкоски“ се наоѓа Кралскиот дворец, денес музеј со богата уметничка колекција, порано резиденција на полските монарси. Тука доминира Сигизмундовиот столб. Додека водичот раскажува, полека влегуваме во внатрешноста на стариот дел од Варшава. Се движиме по калдрмисаните улички, покрај шарените фасади и стигнуваме до централниот плоштад „Ринек“, во чија средина е бронзената статуа на сирената – симбол на градот. Тоа е убав плоштад со впечатливи објекти, кои пленат и мамат за фотографирање. Потоа продолживме кон средновековната утврдена порта „Барбикан“ од 16 век, која е дел од старите градски ѕидишта.
Балтичкиот шмек на Гдањск
Гдањск е најважното пристаниште на Полска на Балтичко Море, сместено во Гдањскиот Залив, на делтата на реката Висла, во Поморското Војводство.
Од Варшава се стигнува патувајќи четири часа со автобус, а нешто помалку со воз. Беше убав сончев ден кога пристигнавме со мојата патувачка дружина во Гдањск, градот во кој живеат околу 460 илјади жители. Водичот на самиот почеток ни ја раскажа историјата – дека градот порано бил германски и се викал Данциг, родно место на филозофот Шопенхауер, а подоцна станал полски.
Затоа на секој чекор е видливо германското влијание во градбата на објектите, кои се претежно од црвена тула. Прошетката ја започнавме од Европскиот центар на солидарноста – културна институција и библиотека, посветена на историјата на синдикатот „Солидарност“ и падот на комунизмот во Источна Европа, кој е сместен во поранешното бродоградилиште, каде што започнаа историските штрајкови во 1980 година. Пред центарот е повеќеметарски споменик во чест на штрајкувачите. Продолживме по кралскиот пат, барем така го нарече водичот, по кој се движеле кралевите, за да стигнеме до центарот, а попатно тој ни раскажуваше за секој значаен објект. Гдањск едноставно ме плени на прв поглед, со убавата природа, чистите улици, убавите градби. На секој чекор гледаш прекрасно реновирани готски градби и зданија во ренесансен стил. Дуга улица е долгата централна улица на која лево и десно се сконцентрирани историските зданија на градот – „Златана куќа“, „Градска куќа“, плоштадот, „Нептуновата фонтана“…
Краков – кралски град
Краков е втор град по големина во Полска, историски град, некогашна престолнина на кралевите. Плени во секој поглед. Го посетив по вторпат и повторно ме воодушеви со својот шарм, убавата архитектура, среденоста. Затоа можеби е еден од најпосетуваните градови. Плени со средновековните градби, кои се одлично зачувани, иако во одредени делови се забележуваат траги од разорување. Најважниот дел од Краков е ридот Вавел, каде што се наоѓаат Кралскиот дворец, еден од поубавите дворци во Европа и седиште на полските кралеви цели пет века, и катедралата „Вавел“, каде што биле крунисувани и погребувани кралски монарси и во која најпозната атракција е 500 години старото ѕвоно „Зигмунд“, кое, според верувањата, носи среќа ако го допрете. Од ридот, на другата страна, се гледа еврејскиот кварт Казимир.
Долу под ридот, покрај реката Висла е бронзената статуа на змејот Вавел, која исфрла оган на секои десетина минути и е вистинска атракција за туристите. Задоволство е прошетката тука во овој дел, за патот да ве одведе кон стариот град. Главниот плоштад „Ринек“ е центарот каде што шетаат не само мештаните туку и туристите. Прошетката е вистинско задоволство, бидејќи е опкружен со историски градби од сите страни, а на едната се наоѓа базиликата „Св. Марија“, готска црква, со две асиметрични кули, од која на секој час трубач ја свири познатата прекината мелодија.

































