- Тука се наметнува суштинското прашање: ако една држава членка на Европската Унија блокира пристаниште, затвора граница и практично ја отсекува главната економска артерија на својот сосед поради политички спор, како поинаку да се нарече тоа, ако не непријателски чин? Правно гледано, ембаргото не претставуваше оружена агресија во смисла на Повелбата на Обединетите нации. Никој не испрати тенкови на граница и никој не отвори оган. Но меѓународното право одамна признава дека меѓу војната и мирот постои широка зона на економска и политичка принуда
Нашите стари велат дека „кога волкот не може да го изеде јагнето, му ја заматува водата“. Во оваа македонска народна мудрост е содржана целата логика на односите што Грција ги наметна кон Република Македонија во деведесеттите години на 20 век. Кога меѓународното признавање на македонската држава стана реалност, кога влезот во Обединетите нации веќе не можеше да се спречи, следуваше друг метод: економски притисок, дипломатско условување и систематско ограничување на можностите на една млада држава да се развива и да се етаблира на меѓународната сцена.
Затоа, кога денес говориме за грчкото ембарго, не треба да зборуваме само за економска блокада туку за една политика. Политика на притисок. Политика на условување. Политика што со години ќе стане препознатлив модел во односите на Атина кон Скопје. Грчкото ембарго воведено во февруари 1994 година не беше последица на трговски спор. Македонија не водеше економска војна против Грција, не воведе санкции, ниту пак ги загрозуваше грчките стопански интереси. Вистинската причина лежеше во спорот за името, знамето и државниот идентитет. Со други зборови, економијата беше претворена во оружје за постигнување политички цели.
Ова не е македонска интерпретација. Тоа е заклучок што може да се извлече и од реакциите на европските институции во тоа време. На 28 февруари 1994 година, Парламентарното собрание на Советот на Европа ја усвои Резолуцијата 1027, во која „силно ги осудува“ мерките преземени од грчката влада и предупредува дека тие можат да предизвикаат дестабилизација во регионот. Истовремено беше изразена поддршка за барањето на Европската комисија ембаргото да биде укинато. Уште позначајно е што самата Европска комисија ја тужеше Грција пред Европскиот суд на правдата поради воведеното ембарго, доведувајќи ја во прашање неговата усогласеност со европското право.
Тука се наметнува суштинското прашање: ако една држава членка на Европската Унија блокира пристаниште, затвора граница и практично ја отсекува главната економска артерија на својот сосед поради политички спор, како поинаку да се нарече тоа, ако не непријателски чин? Правно гледано, ембаргото не претставуваше оружена агресија во смисла на Повелбата на Обединетите нации. Никој не испрати тенкови на граница и никој не отвори оган. Но меѓународното право одамна признава дека меѓу војната и мирот постои широка зона на економска и политичка принуда.
Токму во таа зона се наоѓа грчкото ембарго. Не случајно неговата цел не беше да се реши трговски проблем, туку да се принуди Македонија да направи политички отстапки. И резултатите не изостанаа. Во септември 1995 година беше потпишана Привремената спогодба, официјално регистрирана во системот на Обединетите нации, по што ембаргото беше укинато. Но Македонија претходно веќе го смени државното знаме и влезе во нова фаза на преговори и условувања. Тука многумина ја гледаат историската важност на ембаргото. Не во економските загуби, иако тие беа огромни. Не во блокираната пченка, иако таа стана симбол на блокадата. Туку во фактот што ембаргото создаде преседан. Покажа дека Македонија може да биде присилувана преку економски и дипломатски механизми. Покажа дека билатерален спор може да стане инструмент за ограничување на развојот на една држава. Покажа дека притисокот носи резултати.
Од оваа перспектива, патот до Преспа не започна во Нивици во 2018 година. Тој започна многу порано. Започна во моментот кога економската блокада стана прифатливо средство за постигнување политички цели. Хронологијата е повеќе од јасна: прием во Обединетите нации под привремената референца според Резолуцијата 817 во 1993 година, економско ембарго во 1994 година, Привремена спогодба во 1995 година, грчко вето за НАТО во Букурешт во 2008 година и конечно Преспанскиот договор во 2018 година. Самиот текст на договорот од Преспа наведува дека е наменет за решавање на разликите содржани во резолуциите 817 и 845 на Советот за безбедност и за замена на Привремената спогодба од 1995 година.
Особено е впечатливо што и по Привремената спогодба спорот продолжи. Во 2011 година, Меѓународниот суд на правдата во Хаг пресуди дека Грција ја прекршила обврската од членот 11 од Привремената спогодба кога се спротивставила на членството на Македонија во НАТО. Оваа пресуда уште еднаш ја потврди суштината на проблемот: не стануваше збор за изолиран инцидент од 1994 година, туку за долготрајна политика на условување. Затоа, три децении подоцна, прашањето не е дали ембаргото беше економска мерка. Тоа неоспорно беше. Прашањето е за што служеше таа мерка. А одговорот го дава самата историја. Ембаргото беше средство. Целта беше Македонија да попушти.
И токму затоа, во колективната меморија на Македонците, ембаргото нема да остане запаметено како трговски спор, туку како непријателски акт извршен без истрелан куршум, но со јасна намера да се наметне политичка волја врз една суверена држава.
































