Турските служби повеќе од 12 часа трагаат по лавица забележана во близина на станбен комплекс во истанбулската населба Ускумрукој, во општината Саријер.
Животното било забележано синоќа околу 18 часот во шумски предел, но во текот на ноќта не било повторно регистрирано ниту со термалните камери со кои се надгледува теренот, објави турскиот портал „Хаберлер“.
Во потрагата учествуваат припадници на полицијата и жандармеријата, општинските служби, Управата за заштита на природата и националните паркови, како и ветеринарни екипи. Целта е лавицата да биде заловена жива и неповредена, поради што тимовите располагаат со пушки со средства за успивање.
Градоначалникот на Саријер, Октај Аксу, за Си-ен-ен Турк (CNN Türk) изјави дека, според првичните процени, најверојатно станува збор за припитомено животно.
Лавицата била видена како поминува во близина на кокошки, без да покаже агресивно однесување или да ги нападне. Еден од очевидците, пак, изјавил дека животното ненадејно истрчало пред неговиот автомобил додека се движел низ реонот.
Поради можниот ризик за населението, но и за да не се попречува работата на екипите на терен, Аксу ги повика жителите да останат во своите домови сè додека не заврши потрагата.































