Доктор и медицинска сестра од Службата за итна медицинска помош при Поликлиниката „Јане Сандански“ во Скопје биле физички нападнати и претепани додека биле на работното место и се подготвувале да заминат на теренска интервенција.
Информацијата ја соопшти Самостојниот синдикат за здравство, фармација и социјална заштита, кој најостро го осуди нападот и побара итно расчистување на случајот и санкционирање на сторителите.
– Овој настан е сериозен и недозволив чин на насилство врз луѓе чија професионална обврска е да помагаат, да лекуваат и да спасуваат човечки животи. Особено загрижува фактот што здравствените работници се изложени на физички напади токму во моментите кога се на должност и се подготвени да одговорат на повик за укажување итна медицинска помош – наведуваат од Синдикатот.
Оттаму предупредуваат дека здравствените работници сè почесто се соочуваат со навреди, закани, заплашувања и физички напади при извршувањето на своите работни задачи.
– Ваквото однесување е апсолутно неприфатливо и не смее да стане секојдневие. Никакви околности не можат да бидат оправдување за насилство врз луѓето што професионално и одговорно се грижат за здравјето на граѓаните – се наведува во реакцијата.
Синдикатот бара надлежните институции итно да го расчистат случајот, да ги санкционираат сторителите и да преземат конкретни мерки за поголема безбедност на медицинскиот персонал, како во здравствените установи, така и при теренските интервенции.
– Здравствените работници не се мета на нечие незадоволство. Тие се луѓето на кои им ги доверуваме здравјето и животот. Нивната работа мора да биде почитувана, нивниот труд вреднуван, а нивната безбедност загарантирана – порачуваат од Синдикатот.
Од синдикалната организација изразија солидарност со нападнатите доктор и медицинска сестра и им посакаа брзо закрепнување.
– Доста е со насилството врз здравствените работници! Безбедноста на оние што се грижат за нашето здравје мора да биде приоритет, а нивната заштита не смее да остане само декларативна заложба, туку мора да биде реална и доследно спроведена обврска на институциите – нагласуваат од Синдикатот.
Во реакцијата не се наведуваат повеќе детали за околностите под кои се случил нападот, ниту за здравствената состојба на нападнатите медицински работници.



































